Во Домот на културата „Тошо Арсов“ во Виница денеска беше отворена изложба на фотограми од авторот Стојанче Величковски од Крива Папанка, во рамки на одбележувањето на Денот на лицата со попреченост.
Изложбата се реализираше во соработка со Дневниот центар за згрижување лица со попреченост и здружението „Мобилност“, а претставени се триесетина експериментални фотографии, создавани во изминатите десетина години, при што авторот го користел фотографскиот апарат како алатка за цртање.
-Со оглед на современата дигитална технологија, мојата иновација беше во тоа што фотоапаратот го користев обратно од неговите технички карактеристики. Од уметнички аспект, тоа значи дека за разлика од сликарите кои цртаат со четка на платно, јас цртав со платното користејќи го апаратот, при што ми беше доволно да ја изберам четката како светлосен маркер. Во тој случај имав нешто повеќе од една секунда да ја направам мојата графика, што на почетокот беше многу тешко, но подоцна ја подобрив техниката и со апаратот ги изработив графиките, а задоволството беше големо, истакна авторот на изложбата Стојанче Величковски.
Претставувањето на фотограмите во Виница е трето по ред, откако изложбата веќе гостуваше во Крива Паланка и Неготино, а љубителите на ликовната уметност ќе можат да ја посетата во наредните две недели.
Во рамки на изложбата беше промовирана и македонската онлајн платформа за вработување лица со попреченост „Bestonlineassistant“, чија цел е да помогне во подигањето на јавната свест и да се грижи за инклузивноста и промоцијата на работоспособноста на овие лица. Досега преку платформата се реализирани десетина работни ангажмани на лица со попреченост, во различни домашни компании.