Во кино „Милениум“ вечер со почеток во 19 часот ќе биде промовирана новата книга на македонскиот автор и професор Венко Андоновски – „Папокот на светлината“.

Дваесет и две години од објавувањето на најнаградуваниот македонски роман „Папокот на светот“ и десет од последниот „Ќерката на математичарот“, Венко Андоновски блеснува со нов, мајсторски напишан роман кој има моќ да го промени поредокот, наведуваат од издавачкиот центар „ТРИ“.

Промоцијата ќе ја отвори проф. Весна Мојсова-Чепишевска која ќе зборува за творештвото на Венко Андоновски, а потоа сцената ќе ја преземе авторското трио – Винка Саздова, Игор Џамбазов и Венко Андоновски. Вратите се отворени за сите читатели – за сите кои низ годините уживаа во зборовите, приказните, филозофијата на Венко Андоновски и сите кои сакаат да го најдат патот до новиот продуховен свет.

Како што посочуваат од „ТРИ“, „Папокот на светлината“ се надоврзува, но не го продолжува „Папокот на светот“.

-Јан Лудвиг, протагонистот кој во „Папокот на светот“ трагаше по папокот на светот (љубов кон жената), сега е во потрага по папокот на Светлината. Заедно со другите ликови, тој се обидува да открие каде се раѓа онаа Светлина која ја просветлува душата, наспроти оние кои се задоволуваат да му бидат облека на ѓаволот, велат од „ТРИ“.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/12/2022 16:37