Националната галерија на Македонија изминативе два месеци, октомври и ноември, го реализираше проектот „Замисли желба“. Станува збор за креативни работилници за изработка на лампиони и други декорации од мали парчиња текстил, во кој учествуваат деца со попреченост, ученици од основното, средното и високото образование. Средствата од декорациите ќе бидат наменети за хуманитарни цели.

Овие креативните работилници се реализираат во објектот Чифте амам во Скопје.

Со овој проект, како што се навесува во соопштение, се поттикнува учеството на бизнис заедницата, да ги откупат декорациите, а средствата да бидат наменети во хуманитарни цели за „Фондацијата Марко Божиновски“. Оваа фондација има за цел да обезбеди соодветна поддршка, станува збор за животна средина со спортска содржина за деца и млади од социјално-маргинализирани средини да имаат можност да се вклучат во светот на спортот.

Материјалите за изработка на лампионите како и други помошни материјали, овој пат беа донирани од модната куќа „Бела“. Истите се реупотребуваат, редизајнираат и се претвораат во оригинални и необични креации каде секое од децата се изразува на свој и уникатен начин.

Како што соопштија од Националната галерија, проектот е значаен бидејќи има еколошки пристап кон дизајнот и истиот претвора нешто старо во нешто сосем ново и впечатливо. Покрај еколошката, проектот има и високо општествена свест.

Учесници во проектот се Дневен центар за лица со Даунов синдром, ОУ „Климент Охридски“, ОУ „Невена Георгиева Дуња“, ОУ „Лирија“, ОУ „Хасан Приштина“, ОУ „Ѓорѓија Пулевски“, ОУ „Кочо Рацин“ и ОУ „Братство“, гимназиите „Орце Николов“, „Јосип Броз Тито“ (паралелката за меѓународна матура), „Никола Карев“, „Св Наум Охридски“, Машинскиот факултет отсек Индустриски дизајн, Педагошкиот факултет „Св.Наум Охридски“, Универзитетот „Мајка Тереза“. Координатор на проектот е Маја Димитрова



Автор: Администратор
Објавено на: 01/12/2022 17:23