Во книжарницата „Литература.мк суперстор“ денеска ќе биде промовирана новата книга за деца „Поклони се и почни“ со текст на Владимир Лукаш и илустрации од Љубиша Камењаров. Настанот ќе почне со работилница за деца, инспирирана од ликовите во книгата.
Промоторка на сликовницата, која е во издание на „Либи“ , ќе биде Оливера Ќорвезироска.
„Поклони се и почни“ е ведра, игрива книга за заедништвото, забавно поттикнување на децата и животните да учествуваат во најразлични собирања и прослави по секакви поводи, а во конкретниов случај, „раѓањето на десетмилијардитото ливче во шумата“,.
– И кога знаат и кога не знаат да пеат, да играат, да пишуваат песни и да римуваат, децата треба да се собираат како и животните од сликовницата (штурчето Свирче, богомолката Богдана, бумбарот Јакоб, дабарот Дрварко и црвеношиестиот валаби), бидејќи шансите да го научат она што го сакаат се многу поголеми кога околу нив има повеќемина што можат да помогнат. Или барем само да слушаат. Односот помеѓу штурчето Свирче, главниот херој во сликовницата, кое сака а не знае да пишува во рима и дабарот Дрварко кому не му е гајле за рима а одлично ја владее, е прекрасен пример за волшебната моќ на дружбата. На крајот од сликовницата има и работен додаток за совладување на римите, така што сите, и ликовите и читателите, излегуваат од оваа духовита, несекојдневна книга на Лукаш и Камењаров оспособени за дружење и… римување, посочува издавачот на сликовницата.
„Поклони се и почни“ е симболичен поттик за секое дете да го земе микрофонот на своите желби в раце и да ја почне забавата на детството по сопствена мера. Како вистинска, среќна „ѕверка“!
Владимир Лукаш и Љубиша Камењаров се родени во истата „еднаш одамна“ година, во истата болница, а можеби и на истиот кревет, но неколку месеци еден по друг. Се познаваат од многу одамна и другаруваат од речиси веднаш. Лукаш пишува, Камењаров црта и… колку што се сеќаваат никогаш не се скарале. Дури ни за молив.