Патувачката изложба „Ченто биографија низ фотографии“, од прилепскиот автор Рубинчо Белчески денеска беше отворен во фоајето на центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга.

Изложбата содржи 250 хронолошки подредени фотографии, собрани на едно место, а произлегла од желбата на авторот да даде свој придонес во презентација на првиот претседател на президиумот на АСНОМ, Методија Андонов – Ченто.

– Со започнувањето на процесот за независност и осамостојувањето на Република Македонија се почесто се зборуваше за името на големиот македонец, борец, деец и политичар, Методија Андонов Ченто, првиот претседател на Президиумот на АСНОМ. Од тој период до денес, повеќе историчари, публицисти и други личности, вклучувајќи го и синот на Ченто, Илија Андов, напишаа повеќе публикации, а беа издадени и зборници за животот и делото на човекот – визионер, кој уште во минатото знаеше дека Македонија еден ден, ќе стане независна и самостојна држава. Желбата ми беше и ја да дадам свој придонес во расветлувањето,а пред се во презентирањето на ликот и делото на Ченто, создавајќи едно дело, но со поинаква форма и содржина од досегашните напишани дела за него. Така ја започнав својата „собирачка“ дејност, информира Белчески, кој работи како историчар – кустос во Прилепскиот музеј.

Според него, гледачот преку хронолошки подредените фотографии растеретен од читање на долги текстови може да го следи животот на Ченто, исполнет со голем број активности, но и фотографии кои зборуваат за неговиот живот после смртта.

– Ако една изрека вели „Една фотографија – илјада зборови“ тогаш можете да замислите колку зборови содржат овие фотографии. Проектот го реализирав истражувајќи низ Прилеп и државата, а во голема мера ми помогна семејството на Ченто, особено неговиот син Илија Андов – Ченто, и ќерката Марија Јакимоска на кои им изразувам голема благодарност за соработката, истакна Белчески.

Содржините од изложбата збогатени со кратки информации од 150 настани, кои ги дообјаснуваат „замрзнатите“ моменти од фотографиите, неколку текстови и делови на говори, мисли и изјави на Ченто се сублимирани во фотомонографија, која беше промовирана пред струшката публика.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/12/2022 17:36