Црна Гора е во длабока уставна криза, каде нема функционален Уставен суд, а Владата го загуби легитимитетот во Парламентот, што е и причината зошто изборите се задолжителни, изјави европратеникот и потпретседател на Парламентарната комисија за стабилизација и асоцијација на ЕУ Владимир Билчик, пренесе црногорската агенција МИНА.

Во интервју за „Гласот на Америка“ тој рече дека Црна Гора во моментов нема политичка влада, но и е потребна, а земјата се соочува со политичка криза која може и да се влоши.

Билчик посочува дека е потребно да се надминат актуелните конфликти и да се види како владејачкото мнозинство и опозициските партии можат да постигнат договор за уставниот суд.

Тој додаде дека е императив да се постигне политички договор за предвремени парламентарни избори бидејќи е очигледно дека Парламентот не може да обезбеди стабилно политичко мнозинство за формирање влада.

Билчик предупредува и дека во црногорската политика има проблеми кои го делат општеството и дека на земјата и треба заздравување.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/12/2022 12:23