Албанската државна полиција од попладнево почна со спроведување на безбедносните мерки во рамките на Самитот ЕУ-Западен Балкан што утре ќе се одржи во Тирана.

За да се гарантира редот и безбедноста, на патните правци каде минуват делегациите и на местото каде што ќе се одржи Самитот, полицијата изготви детален план на мерки, во соработка со органите на прогонот во земјата, со безбедносни експерти од земјите од ЕУ, како и со меѓународните организации Интерпол и Европол.

Мерките за блокирање на патните правци, булевари, улици во Тирана почнаа да се спроведуваат денеска од 14 часот и ќе важат до заминувањето на високите личности учесници на Самитот. Состојбата се мориторира и од воздух со неколку хеликоптери.

Пред, за време и по одржувањето на Самитот, обезбеден е безбедносен периметар каде ќе биде забрането паркирање, сообраќај на возила и движење на граѓани. Во безбедносниот периметар ќе биде дозволено само движење пеш на жители од таа зона, што ќе го контролира полицијата.

Во безбедносниот периметар е и булеварот „Народни херои“, каде што пред владатам, опозицијата најавува одржување на протест, за што нема дозвола од полицијата, како и плоштадот „Италија“ каде во 10 часот утре почнува самитот.

Според албанските медиуми на овој значаен собир ќе учествуваат лидери и делегации од 44 држави а истиот ќе го следат над 600 акредитирани албански и странски новинари.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/12/2022 15:14