Откритијата во последните неколку месеци за претворањето на Националната служба за разузнавање во параинституционален парацентар за следење на политички лидери, пратеници, европратеници, министри, новинари, бизнисмени, па дури и судии е голем удар за самата демократија и ја става во опасност, истакна лидерот на грчката опозициска партија Алексис Ципрас по средбата со обвинителот од Врховниот суд на Грција на кој, како што рече, му изразил длабока загриженост за последните случувања, јави дописничката на МИА од Атина.

Во однос на вчерашниот текст објавен во весникот „Документо“ дека биле прислушувани и началниците на армијата, Ципрас рече дека со тоа „се става во опасност самата национална безбедност“ на земјата.

Паралелно посочи дека одговорноста за расчистување на случајот е во рацете на правдата, изрази доверба и надеж дека „институциите на демократијата во земјата сè уште функционираат.

Владиниот портпарол Јанис Иконому за средбата на Ципрас со обвинителот од Врховниот суд истакна дека „Владата уште од првиот момент изрази апсолутна доверба во тековната судска истрага“ и дека тоа е единствениот институционално правилен начин да се расчисти секој аспект на случајот.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/12/2022 15:16