Во Музеј – галерија Кавадарци денеска беше отворена изложба на плакати на Маријана Иванова, уметник и графички дизајнер од Виница.
– Иванова, родена 1994 година, зад себе има реализирано 10 самостојни изложби на плакати во Македонија и во Бугарија. На оваа изложба, изложени се 44 плакати, создадени во периодот од 2016 до 2022 година. Повеќето од плакатите се изложувани на 18 меѓународни изложби во девет земји. Мексико, Аргентина, Перу, Уругвај, Полска, Украина, Црна Гора, Бугарија и Македонија. Темите што ги опфаќаат се социјални, еколошки, културни, плакати инспирирани од литературни дела и филмски плакати, појасни Томе Крстевски, директор на Музејот.
Кураторот на изложбата, кустос Билјана Галабова истакна дека Иванова храбро чекори во светот на уметноста и успешно ја гради нејзината уметничка кариера, како пред домашната публика, така и на меѓународната уметничка сцена. Таа се осврна и на наградите на Иванова.
– Посебно ме фасцинира наградата што ја има добиено во Чиле во 2019 година. Прва награда, златна плакета на конкурсот за плакат на Биеналето за дизајн во Перу – Лима, во конкуренција од 10.000 плакати, додаде Галабова.