На големата сцена на Националната опера и балет вечер ќе биде изведена балетската претстава во два чина „Дон Кихот“ од Лудвиг Минкус, во кореографија на Виктор Јаременко од Украина.

Диригент на претставата е Иван Еминовиќ, сценограф Андреј Злобин, а зад костимографијата се потпишува Гана Ипатиева од Украина.

За првпат во улогите на Китри и Базил ќе настапат Христина Наќевска и Балаж Лочеи од Унгарија. Во улогата на Еспадо ќе настапи Бобан Ковачевски, а во улогата на Улична, Ивана Коцевска. Настапуваат солисти, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет заедно со деца од балетскиот оддел на ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“.

„Дон Кихот“ е волшебна приказна за ветерници, „совршената“ жена и вистинската љубов. Балетското дело е поставено на музиката на Минкус со експресивно темпо кое резултира со познатото „Дон Кихот па де де“, кој дава акцент на целата претстава.

Kомпозиторот и виолинист Лудвиг Минкус (1826-1917) напишал неколку популарни балети, а речиси сите од нив, особено балетот „Дон Кихот“, и денес се изведувани низ целиот свет. „Дон Кихот“ е балет базиран на истоимениот роман од Мигел де Сервантес.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/12/2022 10:08