Културните активности се еден од најсилните потенцијали на една земја за создавање силен идентитет, но тие играат и клучна улога во делот на негување добрососедски односи во регионот, што пак, е еден од условите што треба да го исполни секоја земја аспирант за членство во ЕУ, истакна денеска министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска на панел-дискусијата „Кластер 3: Конкурентност и инклузивен раст“.
Потврда за тоа, како што рече министерката, е и долгогодишната соработка со Европската Унија, преку учеството на земјава во програмата „Креативна Европа“, како една од најважните алатки за поддршка на европската културна соработка изразена преку културното творештво и обединување на различностите.
– „Креативна Европа“ соодветствува со современите предизвици со кои се соочуваат културните и креативните сектори во Европа и пошироко, како што се заштитата и промоцијата на европското културно наследство, јазичната разновидност, културата како механизам за меѓусебно почитување, толеранција и помирување, родовата еднаквост, интердисциплинарноста и интерсекторската соработка, социјалната кохезија на културата, мобилноста на уметниците и нивните дела, рече Костадиновска-Стојчевска на панел дискусијата во Скопје, во рамки на настанот „На европскиот пат: Нови реформи, нови можности“, во организација на Секретаријатот за европски прашања.
Таа потсети дека во тек е нов циклус на програмата „Креативна Европа“, чија рамка е до 2027 година, и нагласи дека Министерството за култура продолжува со понатамошни заложби и конкретни мерки како одговор на предизвиците базирани врз досегашните искуства од спроведувањето на програмата на национално и на локално ниво.
Како што информираше, во рамките на потпрограмата „Култура“ поддржани се 14 проекти од различни категории на програмата (паневропски ентитети, проекти за соработка, проекти за циркулација на европски книжевни дела, платформи) со грант од ЕУ во вкупен износ од околу 2 500 000 евра, а во рамките на потпрограмата „МЕДИА“ се поддржани три проекти со вкупна поддршка од ЕУ од 142 000 евра.
Костадиновска-Стојчевска потврди дека Министерството за култура останува доследен партнер на ЕУ во афирмацијата на програмата преку кофинансирање на проектите на македонските корисници.
Таа додаде дека од особено значење е и регионалната културна соработка, на земјите од Западен Балкан и Европската комисија, особено по вклучувањето на културата во Агендата – Западен Балкан за образование, обука, истражување и иновации, преку посебна стратегиска линија.
Министерката изрази увереност дека овие заложби ќе придонесат кон успешно затворање на Поглавјето 26 – Образование и култура и дека посветеноста во работата ќе придонесе за остварување на долгоочекуваниот влез во Европската Унија.
– Оваа година Европа беше посветена на младите, следната е на вештините. Ние ги следиме трендовите и в година ќе бидеме насочени кон унапредување на знаењето и вештините, посочи министерката Костадиновска-Стојчевска.
Таа додаде дека годинава Министерството излезе со поусовршена апликација, преку која корисниците на буџетските средства се вклучени во централниот општествен електронски систем.
– Креиравме апликација која се базира на правичност при селекцијата, со што се избегнуваат слабости предизвикани од човечкиот фактор. Тоа ни помага да се доближиме до демократските принципи на оценување и до еднаквост на апликантите, подвлече Костадиновска-Стојчевска на панел дискусијата.