Во Центарот за култура во населбата Ѓорче Петров – Скопје се одржа новиот мултимедијален настан под името „Чудата во Алиса“. Овој настан содржеше изложба на фотографии, инсталации, уметнички слики, скулптури, концерт на амбиентална музика во реализација на Театар „Пи“ и лица со интелектуална попреченост од ЦПЛИП Порака Скопје и лица со типичен развој.

-Исто така беше изведена една нова форма на театар кој се уште не е познат кај нас во Македонија. Станува збор за лавиринт сензитивен театар кој нанаметливо се провлече низ посетителите. „Чудата во Алиса“ е инспирација од “Алиса во земјата на чудата” но наместо да ја бараме Алиса во таа земја ние копавме длабоко во секој од учесниците за да излезат на површина чудата во Алиса. А Алиса е или бил секој од нас, се истакнува во денешното соопштение од Театар Пи.

Според организиаторите на настанот, Театар Пи заедно со лицата со попреченост од Порака и ученици со типичен и атипичен развој од Ѓорче Петров на ваков начин создале еден магичен мултимедијален перформанс. -Сензитивен лавиринт театар, изложба на уметнички слики, фотографии, скулптури и инсталации изработени од прекрасни луѓе кои шетаа низ публиката и споделуваа лични приказни, кои преоѓаа во дијалог… ама така тивко на уво. Имаше и чајанка. На една долга маса со колачиња на која се славеше нероденден. Имаше и девојчиња балерини и едни шантави музичари. Имаше смисла. Благодарност за поткрепата до сите, велат од Театар Пи. Автори режисери на настанот, кој се одржал во саботата, се Златко Митрески и Македонка Илиевска. На настанот учествуваа Јаков Ангелов (виолина) Дино Рамо (тапани) Златко Митрески бас и пијано, како и мултиперформерите Македонка Илиевска, Ема Петреска, Вања Димовска, Анастасија Аневска, Јана Ламбевска, Леона Трајковска, Сандра Миовска, Доротеа Атанасоска, Тео Тодоровски, Матеа Ѓеровска, Дарон Угриновски, Јасен Угриновски, Боби Хаџи-Николов, Лара Бошковиќ, Дино Рамо, Трајанка Петреска, Жаклина Велковска, Виолета Дојчиновска и Ана Беќарска. Проектот е реализиран во соработка со Општина Ѓорче Петров и основните училишта во Ѓорче, ЦПЛИП-Порака Скопје, а финасиран е од Министерство за култура, Град Скопје. Театар Пи е центар за изведувачки уметности и едукација со дејствување во независната културна сцена и училиште за актерство за помладите кое се наоѓа во Центар за култура во Ѓорче Петров.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/12/2022 11:34