Филмот „Магнет: Од уво до око и назад“ на авторката Кирила Цветковска од Крива Паланка ќе биде прикажан во четврток во кино-клубот „Сплит“, Република Хрватска во рамки на програмата „Во квадрат“.

Програмата ги споредува филмовите на членовите на клубот од историјата, експерименталните филмови, неодамнешните клупски продукции и современите автори кои работат во слични продукциски услови ширум светот, а во целовечерната проекција од четири современи филмови ќе биде прикажан и „Магнет“, на Цветковска.

Филмот е направен по инспирација од истоимената книга, напишана во рамки на минатогодишното одбележување на месецот на Димитар Стојчевски (1940-2021), академски уметник од родниот град на Цветковска, Крива Паланка.

-Поетски, суров, реалистичен и навидум едноставен, „Магнет“ ги балансира просторните истражувања и визуелната уметност, пишува во најавата од кино-клубот „Сплит“.

Кирила Цветковска е независна истражувачка, кураторка и уметница. По студирањето историја на уметност и психологија во Рим, вклучена е во мултидисциплинарниот проект „Теверетерно“ (Рим и Њујорк), посветен на создавање на првиот и најголем јавен простор за современа уметност на урбаниот речен кеј на Рим.

Цветковска наизменично ги менува различните пристапи кон уметноста, а нејзината општествено ангажирана практика ја истражува колективната меморија и создавањето на историјата – од фотографски и видеоинсталации, преку книги, до експерименти во форма на звук и екран.

-Кога некој ќе отпатува во бесконечноста, го полни безвоздушниот простор со сказни и изненадувања, без многу напор. Тивко, на прсти. Штом мигот на исчезнатост ќе настапи, настанува само привиден прекин на програмата. Зборот и погледот се кријат на задниот влез, а таму треба полека да се влегува. Еднаш ширум отворена, портата се претвора во кутија без дно и тука лежи разговорот. Секоја морница е нов збор, а времето: синтакса. Наметнати дефиниции, побарани објаснувања и навремена испорака, додека часовникот ги крши правилата на игра, вели Цветковска во освртот на публикацијата”Магнет“, инспирација за филмот.

Програмата „Во квадрат“ ги споредува филмовите на членовите на клубот од историјата, експерименталните филмови, неодамнешните клупски продукции и современите автори кои работат во слични продукциски услови ширум светот.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/12/2022 12:14