Во Друштвото на писатели на Македонија денеска ќе биде промовирана стихозбирката „Преобразби“ на Весна Ацевска.

За творечкиот пат на Весна Ацевска ќе зборува Бранко Цветкоски, а книгата ќе ја претстават Весна Мојсова-Чепишевска и Владимир Мартиновски.

Деновиве, во рамките на едицијата „Синтези“ на Здружението за уметност и култура на живеење „Дијалог“ од Скопје, излезе од печат стихозбирката „Преобразби“ од македонската поетеса Весна Ацевска. На педесетте песни, организирани во четири циклуси, им се придружени автопоетичкиот есеј „Зошто преобразби“, коментари на одделни песни или циклуси „Од авторскиот бележник“, како и исцрпна био-библиографска белешка за авторката. На корицата, чиј автор е Живко Атанасов, поместен е детаљ од познатата слика „Преобразбата на Нарцис“ од Салвадор Дали.

Осврнувајќи се на стихозбирката „Преобразби“, македонски поет и критичар Бранко Цветкоски подвлекува дека станува збор за дело во кое суверено се промислуваат „есенцијата на преобразбите врз човековиот живот и врз космичките закономерности“, но и поетскиот порив, додека поимот преобразби за авторката е еден вид равенка што го симболизира животот воопшто, како и метаморфозата на јазикот во лирско творештво. Во својот автопоетички есеј „Зошто преобразби“, Ацевска укажува дека „Процесот на метаморфоза ги опфаќа и времето и просторот во пресоздадената стварност во песните… како места во координатниот систем на културата никната на нашата планета. Таа метаморфоза овозможува во песните да се преплетуваат границите меѓу митолошката и онтолошката стварност, но и меѓу сонот и јавето“ додека песната е „преобразба на јазикот во уметничко дело со оној резултат колку што додржале рацете на (за)пишувачот, кој не е само записничар во тој процес туку има главна ролја“, па оттаму е сосема природно што во оваа книга процесот на создавање песна е вариран во повеќе песни и е сведоштво за „трајната потрага по ‘замислената’ и посакувана песна“.

На македонската книжевна сцена Весна Ацевска (Скопје, 1952) е присутна над четириесетина години. Пишува поезија и проза, преведува од руски и од јужнословенски јазици. За нејзиното поетско творештво, под наслов „Ехо на ентелехијата“, посветен е двоброј од списанието „Стремеж“ (2008). Застапувана е во разни антологиски избори на современата македонска поезија во земјата и во странство. Нејзини поетски избори се објавени во Македонија, Романија, Хрватска, Србија, Бугарија, Полска и во Турција. Ги добила наградите за поезија „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата (2009) и „Ацо Шопов“ на Друштвото на писателите на Македонија (2012), а двапати ја добила наградата „Григор Приличев“ за препев на финскиот еп „Калевала“ (2000) и на нордискиот еп „Стара еда“ (2009). Носителка е на државната награда „Св. Климент Охридски“ (2016). Член е на Друштвото на писатели на Македонија, на Македонскиот ПЕН-центар, на Друштвото на литературните преведувачи на Македонија, на Интернационалното друштво „Калеваласеура“ во Хелсинки и на Славјанската литературна и уметничка академија во Варна.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/12/2022 09:41