„Пред и после“ е најновиот филм на мултимедијалниот уметник Киро Урдин, што вечер ќе биде прикажан во Кинотека. Станува збор за документарец во режија и сценарио на Киро Урдин, а наратор е Роберт Миано од САД.
Музиката во филмот е на Венко и Васко Серафимови, камерата на Бранд Феро, Слаѓан Милошевски и Ан Вутерс, Белгија. Монтажа и звукот на Владимир Петровски-Картер. Како што соопштија од Кинотека, приказната се случува во околината на реката Мара (Кенија и Танзанија). Едно мало гну и едно мало бaфало се родени во непосредна близина. На крајот од животот тие умираат еден покрај друг.
Киро Урдин има студирано на Академијата за применета уметност во Париз и дипломира на Академијата за филм во Париз (1977 г.). Живее и работи во Париз од 1974 година. Од 1984 година до денес професионално се занимава само со сликарство. Од 1984 година има реализирано над сто самостојни и групни изложби во познати галерии и музеи. За неговите изложби е пишувано во околу 600 весници, речиси во секоја од земјите каде што изложувал. Покрај спомнатите написи, има дадено и над 30 интервјуа за телевизиски канали.