„Во душата на немиот свет“ е новиот роман на Даниела Илијоска, што беше промовиран денеска во охридската библиотека „Григор Прличев“, во издание на здружението за поттикнување на развојот на книжевноста и други уметности „Креативна верига“, а финансирана од Министерството за култура.

Поетесата и писателка Илијоска откри дека идејата при создавање на новото дело била да им упати порака на најмладите да ја чуваат природата и да се грижат за неа.

– Природата е дел од луѓето и нивното здравје, дел од среќата на човекот, дел од остатокот на рајот. Чувајте ја и таа ќе ви се заблагодари во момент кога не ја очекуваме нејзината поддршка. Бидете дел од неа, бидејќи таа ни е сѐ во животот, односно дел од нашето постоење, порача Илијоска.

Уредникот на „Креативна верига“ Јордан Коцевски изрази задоволство што на промоцијата најприсутни беа децата.

– Книгата изобилува со авантури, од една страна на деца, кои се грижат за шумата, а од друга страна, палавштини на млади, кои немаат добар однос кон природата, што наведува на контраст, за децата при читањето, критички да прават разлика. Тука се бројни дрвја, растенија, тревки, животни и птици, сите со својот начин на комуникација, препознатлив секој за секој вид, доловени преку магичен начин од авторката, рече Коцевски.

Директорот на Библиотеката Милчо Јованоски ги покани најмладите читатели во иднина повеќе да се дружат со книгата, зачленувајќи се во библиотека, и посетувајќи ги културните настани, што се организираат.

– Овој месец во Библиотеката го посветуваме токму на најмладите. Додека денешната промоција на романот за деца „Во душата на немиот свет“, е убав повод и најава за следни активности, што ќе ги имаме. А, со секоја нова книга од наш автор, го збогатуваме и роднокрајното одделение, рече Јованоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/12/2022 03:02