Општина Штип годинава орденот „Свети Никола“ ќе го врачи на поетот Михаил Ренџов. Признанието „Свети Никола“ ќе го добијат Штип Сити Мол, Центарот за поддршка на лица со интелектурална попреченост „Порака“ и универзитетскиот професор Снежана Мирасчиева.
Во соопштението до медиумите од кабинетот на градоначалникот на Општина Штип се наведува дека настаните по повод чествување на празникот Свети Никола – заштитник на градот, започнуваат во недела, а завршуваат во понеделник, на 19 декември.
Празничната вечерна богослужба ќе започне во 17 часот, во Соборниот храм „Св. Никола“, а веднаш потоа, во 18 часот, ќе биде одржана и Свечената академија на која ќе се додели Орденот и признанијата.
Во понеделник изутрина, во 8:30 часот, ќе започне светата архиерејска литургија, а во 10:45 ќе следи литија на релација од Соборниот храм „Св. Никола“ до плоштадот „Слобода“. Тука ќе се случи кршењето на празничен колач, празнична беседа ќе има митрополитот Брегалнички, г. Иларион, а градоначалникот Иван Јорданов ќе има празнично обраќање.