Тетовските актери од драмското студио покажаа дека знаат да „поа“ (пејат) исполнувајќи десетина нумери познати како филмска музика, а полната сала е доказ дека ова осмо по ред издание на манифестација ги исполнува сите услови за престижен културен настан.

Со поддршка на музичката група Дрим Тим тетовските актери испеаја повеќе песни меѓу кои и познати нумери од домашни и странски филмови.

Санаториум Fuga cuculi nidum или во превод Санаториум-Лет на кукавичко гнездо беше насловена драмската пиеса од спектаклот преку кој актерите порачаа дека секој овде живее во свој филм.

-Од сцена кога се гледа кон публика сликата беше прекрасна. Полна сала како и секогаш. „И тетовските глумци поа 8“-мислам дека направивме добро шоу. Лично како режисер и организатор сум задоволен сметам дека сите беа на нивото на кое се секогаш. Имавме врвни професионалаци од Дрим Тим за музиката. Сето тоа е прекрасен склоп, брилијанта фузија на театарска игра со музика. Ако се мериме по нивоата, сметам дека се подобро и подобро е секоја година. Уште на самиот старт ни беше замислата со филмски теми, затоа што секој е во свој филм во оваа држава. Секој си доживува ситуации и ги презентира истите според неговото видување што покажува дека секој е во свој филм, нема објективност. Прашајте кого сакате, секој си дава свое видување од политичари, па до најнискиот социјален ранг. Имавме над 80 композиции во предвид за пеење, како дојде до овој избор не знам ни самиот, изјави Саше Серафимовски, режисер.

„Живот во филм и филм во живот“ беше насловена оваа осма традиционална манифестација која се одржува пред новогодишните празници.

-Како и секој пат, како прв пат да е. Ова е осмо издание, но секогаш како прв пат да се случува, секогаш сме со блага возбуда и задоволство што на сите тетовчани да им овозможимо тоа што ние го чувствуваме, да бидат исполнети со нас, да уживаат во театарот и во песните. Кога ќе се чуе аплаузот знаеш дека си направил добра работа, изјави Драгана Радованов, актерка.

– Со огромно задволство сме дел од оваа манифестација. Може да се прави и почесто, луѓето се забавуваат, изјави Ангел Ќосев од музичката група Дрим Тим.

Драмското студио додели благодарница на НУ Музеј на тетовски крај и на директорот Миќо Стојчески за соработката и продукција на филмот Талија посветен на драмската уметност во градот. Пригодна резба беше дадена на семејството на Ацо Костоски, основачот на легендарното Драмско студио оформено 1969 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/12/2022 06:28