Објавено е деветтото издание на збирката поезија „Метрички карван“, традиционална збирка поезија што секоја година ја објавува ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија.

Уредници на годинашното издание се Стефан Марковски и Васил Тоциновски, а во збирката се застапени по три необјавени песни од: Катерина Гогова, Жаклина Атанасова, Стефчо Стефанов, Лилјана Пецова Илиеска, Олгица Ќурчиева, Васил Тоциновски, Јосип Коцев, Димитар Арнаудов, Пепи Стамков и Моника Игевска Ризова од Гевгелија, како и: Борис Митковски, Југослав Петровски, Билјана Станковска, Санде Стојчевски, Росица Митиќ, Бобан Богатиновски, Сања Атанасовска и Маја Белева од Куманово.

–Изданието пред нас кое нуди творечко поврзување на поетите по потекло од Гевгелија и Куманово го согледуваме како извонредна можност за меѓусебно проникнување на творци од различни генерации и од две различни урбани средини. Книгата заедно со нејзините читатели отвора хоризонти за запознавања и размена на творечки пулсирања на пошироката македонска културна сцена, наведува во рецензијата кон изданието Маја Јакимовска – Тошиќ.

Поетските творби им припаѓаат на творци од различни генерации по потекло од двата града Гевгелија – Куманово, со различни поетски профили условени од нивните инакви мотивски, филозофски и естетски ориентации. Концептот определува претставување на авторите и авторките со основни био-библиографски податоци, и со застапеноста, главно, на по три нивни песни, каде секој од авторите се издвојува со свој сопствен поетски стил и јазик, со кој го обликува својот карактеристичен и, напати, многузначен творечки свет.

Збирката „Метрички карван: Гевгелија – Куманово“ во организација на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија ќе биде промовирана на 23 декември во 18:30 часот во Народниот театар во Гевгелија.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/12/2022 09:08