Оркестарот на Македонската филхармонија вечер од 20 часот ќе го одржи традиционалниот новогодишен гала концерт насловен „Исток“. Диригент е Миријан Кукунаишвили од Грузија, а како солисти ќе настапат сопранистката Милена Арсовска и баритонот Иван Наумовски.

Како што информираат од Филхармонија, на програмата се дела кои имаат типично „новогодишен“ концепт, а валцерот како музичка форма ќе биде составен дел концертот.

– Публиката ќе има можност да чуе дела од Штраус, Чајковски, Лехар, Лумбије, но и посовремени музички толкувања на темата валцер како „Валцерот на Амелија“ на Јан Тирсен од филмот „Чудесната судбина на Амели Пулен“, „ Маскарада валс“ на Арам Хачатуријан, „Валцер за збогување“ на Алфред Шнитке и други, стои во нивното соопштение.

Миријан Кукунаишвили е диригент во Државната опера и балет на Грузија, Националната филхармонија, Државниот симфониски оркестар на Тбилиси, Грузискиот државен камерен оркестар „Синфониета“, оркестарот на Академијата „Бетовен“ во Полска, Грузискиот национален хор, а во 2016 и 2017 година беше шеф-диригент на Студентскиот оркестар на Тбилиси.

Сопранот Милена Арсовска е една од најистакнатите македонски вокални уметници од поновата генерација, со успешна меѓународна кариера, а на македонскиот бас баритон м-р Иван Наумовски во 2015-тата година му е врачена престижната македонска награда „Виртуози“ доделена од СОКОМ за најдобар млад уметник во Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/12/2022 10:51