На авторката Рената Панчова денеска и беше доделена наградата „Бели мугри“ за нејзиниот поетски ракопис „Точки во бескрајот“. Наградата се доделува на млад автор дo 35 години од ЈУ Домот на култура „Кочо Рацин“ во Скопје, во рамки на манифестацијата „Денови“.
Како што изјави авторката Рената Панчова за време на денешната манифестација, наградата претставува „круна“ на нејзиното досегашно творештво. „Точки во бескрајот“ е нејзина четврта издадена книга која е пишувана во текот на студентските денови.
Како што напомена, книгата е составена од три циклуси, кои се поделени со одреден број на песни во кои преовладуваат различни поетски динамики, со црно бела дихотомија, но проевладуваат и различни поетски мотиви.
-Мислам дека во песните може да се забележи инспирацијата што сум ја црпела во текот на моето студирање од нашите големи поети од Гане Тодоровски со неговите неологизими, со патриотизмот на Анте Поповски, но секако и од најдобриот, оној што ја дава таа љубовна инспирација која е и поттик кај нас младите, а тоа е Кочо Рацин, додаде Панчова.
Книгата „Точки во бескрајот“ годинава ја доби и наградата „Антев часовник“.
-Искрено бев изненадена затоа што не очекував да ја добијам наградата, но секако истата ми дава уште поголема мотивација и понатаму да продолжам и да творам на македонски јазик, посочи Панчова.
Директор на Домот на култура „Кочо Рацин“ во Скопје, Сафет Камбери денеска се заблагодари на сите кои учествуваа во манифестацијата, потенцирајќи дека институцијата и оваа година традиционално го организира овој настан во чест на Кочо Рацин и неговото највлијателно дело „Бели мугри“.