Документарниот филм „(Не)раскажаните приказни за верските прослави“, посветен на меѓурелигиската толеранција, ќе сведочи долго време за почитта што меѓу себе ја имаат припадниците на различните верски заедници во Полошкиот регион, како значајна вредност во насока на подобрување на соживотот. Филмот е дел од резултатите на проектот „Меѓурелигиска соработка за одржлива заедница“, што го спроведе Центарот за едукација и развој од Тетово, чија завршна конференција се одржа денеска.

– Долги години во Полошкиот регион постои меѓурелигиска толеранција и тоа се негува со години. Такви примери има многу, кога една заедница оди на гости за да се слави празникот на другата заедница. Оваа идентификувана потреба, сакавме преку овој проект да ја подигнеме на повисоко ниво, бидејќи проектот се реализира на балканско ниво. Сакаме овие добри примери да ги истакнеме и преку документарецот и мрежата во која сме вклучени низ Балканот. Во филмот „(Не)раскажаните приказни за верските прослави“ се прикажани четворица пријатели, кои во текот на 2022 година зборуваа за двата најголеми празника на исламската и православната вероисповед, Велигден и Бајрам во Тетовско, изјави Метин Муареми од Центар за едукација и развој.

На завршната конференција, покрај филмот, претставници на деветте полошки општини слушнаа за спроведените активности посветени на меѓурелигиската толеранција, мислења од фокус групи и резултати од спроведени обуки за наставници и ученици од средните училишта.

Претставниците на полошките општини сметаат дека во овој регион меѓурелигиската и меѓуетничката толеранција и соработка се на високо ниво.

– Млади луѓе од Тетово направиле убаво испитување каде што се гледа дека полошкиот регион е убав пример за меѓурелигиска толеранација. Посебно Општина Гостивар и мислам дека ако целата држава се рефлектира онака како што се однесуваат луѓето меѓу себе во Полошкиот регион, мислам дека ќе бидеме Швајцарија. Предрасуди постојат во секое семејство, меѓутоа тоа се ситни работи од луѓе кои се маргинални во општеството кои немаат никаков импакт, изјави градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари.

Бесар Дурмиши од Советот на Општина Тетово посочи оти толеранцијата е на ниво каде што треба да биде.

– Тука имаме примери со верски објекти во чие соседство живеат луѓе од друга верска заедница, а тие објекти постојат и функционираат без никаков проблем, додаде тој.

Проектот „Меѓурелигиска соработка за одржлива заедница“ е поддржан од американската непрофитна организација Национален демократски институт за меѓународни односи (НДИ).



Автор: Администратор
Објавено на: 22/12/2022 15:36