Со вчерашната изведба на драмата „Самоубиство во самоодбрана“ од Алтернативен театар „Отпишани“-Скопје, беа завршени сите активности кои во текот на 2022 година Здружението за култура и уметност „Иљо Антески Смок“- Тетово ги организираше за одбележување на 100 годишниот јубилеј. Театарската претстава „Самоубиство во самоодбрана“ работена е според истоимениот драмски текст на Марјан Анѓеловски, а во режија на Александар Јовановски и Марјан Анѓеловски.
-„Самоубиство во самоодбрана“ е драма која зборува за животот, човештвото, љубовта и стравовите. Основната линија на дејствието се одвива на железничката станица каде што Веселин го чека возот под кој сака да се фрли. Тука, навидум случајно, се сретнува со самопрогласениот поет Горјан, и транс-жената Ева. Оваа линија е испреплетена со сеќавања од неговото минато од кои ја дознаваме причината за неговото доаѓање до оваа крајна станица. Картите се отвораат, маските паѓаат, вистината излегува на виделина, рече Анѓелковски.
Активностите за одбележување на 100 години од постоењето на Здружението за култура и уметност „Иљо Антески-Смок“ започнаа во мај 2022 во Спомен куќата на Јовановци при Музејот на тетовски крај со промоции на дигиталната форма на книгата „Тетовски песни од 1872 година“, алманахот на песни „Мајски латици-1“ и алманахот на афоризми и карикатура „Насмевки-1.
Во управната зграда на Музејот на тетовски крај беше одржана изложба на фотографии по повод стогодишниот јубилеј, а во Центарот на култура се одржа фолклорен фестивал како и дефиле на фолклорни групи.
Здружението за култура и уметност „Иљо Антески-Смок“ од Тетово е формирано во 1922 под името „Бинички“ кое во 1947 година е преименувано со сегашниот назив.