Во организација на здруженијата Диван и Диванхана, во Музејот на македонската борба во Скопје се одржа промоција на книгата „Бошњаците пред предизвиците на глобалните политички процеси: политичко созревање на еден народ“ од Адмир Лисица.
Авторот Лисица вели дека во книгата се прикажува хронолошки приказ на развојот на политичката свест на бошњачката нација и на крајот може да се заклучи дека Бошњаците се заокружена политичка нација, која успеа да ја реализира својата главна политичка цел, а тоа е независноста и опстанокот на државата Босна и Херцеговина.
Како што информираат од Диван, модератор на промоцијата била Изета Бабачиќ, а покрај авторот, пред публиката за книгата зборувале и професор д-р Зеќир Рамчиловиќ, Џелал Хоџиќ и Мустафа Градашчевиќ.
Рамчиловиќ во своето обраќање истакнал дека оваа книга е од големо значење не само за историографијата на Босна и Херцеговина, туку и за регионалната, бидејќи во голема мера делото успева да го пополни недостатокот на релевантна литература за процесите врзани за Бошњаците. Хоџиќ му се заблагодарил на авторот за исцрпното дело, кое е резултат на долгогодишно истражување со цел да се објави оваа книга која, како што посочил „ѝ беше многу потребна на пошироката јавност, особено на Бошњаците кои живеат во нивната татковина и дијаспората“.
Градашчевиќ зборувал за историските процеси низ кои поминале Бошњаците, но и за странските влијанија кои им го отежнуваат патот до политичкото созревање.