Од печат излезе најновата книга на Бошко Караџов со наслов „Естетика на стрипот“, збирка на огледи од областа на филозофијата и стрип-уметноста.

Како што информираат од Филозофското друштво на Македонија, книгата е поделена во три целини.

– Во првиот дел со наслов „Онтологија на деветтата уметност“ се говори за одделната естетичка природа на графичкиот роман и за обрасците на создавањето дигитални (с)ликовни раскази во рамките на концептот за бесконечното платно. Во вториот дел со наслов „Историја на стрипот“ е претставена повеста на (с)ликовното приповедање од праисториските почетоци в пештерското сликарство, па преку средновековните графички раскази, па сѐ до воспоставувањето на модерниот стрип-формат во XIX век. И во завршното поглавје, со наслов „Идеологија и стрип-кулура“ се говори за анти-стрипската книга Seduction of the Innocent, за појавата на underground стрип-сцената, како и за македонските стрипови од едицијата Никогаш роб, стои во соопштението.

Бошко Караџов е филозоф, теоретичар на културата, професор и научен истражувач во полето на графичката литература и интермедијалните уметности. Автор е на книгите „Парадоксите на индуктивната логика“, „Compendium philosophiae“ и „Логичка анализа на научното познание“.

„Естетика на стрипот“ е издадена со поддршка на Министерството за култура, во издание на издавачката куќа „Стрип-квадрат“ и наскоро ќе биде достапна низ книжарниците во Скопје и Велес.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/12/2022 11:39