Во Пионерскиот дом „Јосип Броз Тито“ во Гевгелија денеска ќе биде отворена патувачката изложба „Ана Франк – Историја за денес“, во организација на Младинскиот образовен форум (МОФ). Посетителите ќе можат да ја видат изложбата до 11 јануари.
Изложбата претставува збир од 39 изложбени панели кои носат бројни детали од животот на малата Ана и нејзиното семејство од Втората светска војна. Изложбата е отворена во земјава во рамки на проектот „Хисторија, Историја, Повјест – Лекции за сегашноста“, а покрај МОФ, организатор е и Куќата на Ана Франк од Амстердам.
Во изложбата има и панели кои се креирани посебно за македонскиот контекст во периодот по Втората светска војна до денес, а изработени од домашните експерти Мишо Докмановиќ и Бесник Емини.
-Она што ја прави оваа изложба поинаква е што водичи за посетителите ќе бидат млади волонтери, ученици од СОУ „Јосиф Јосифовски“ – Гевгелија кои ќе поминат обука спроведена од младинските тренери од МОФ за да ја раскажат приказната на Ана Франк, посочи Димитар Низамовски, координатор на проектот „Хисторија, Историја, Повијест – Лекции за денешницата“.
До сега, изложбата беше поставена во 18 општини низ државата. Изложбата доби поддршка од Министерството за надворешни работи, Министерството за култура, Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија и Амбасадата на Кралството Холандија.
Проектот има за цел да го покрене вниманието и поттикне дискусија за настаните од блиското минато на Западен Балкан кои се причина за различни поделби и генерирање на конфликти во минатиот век. Преку промовирање на критичко размислување за настани од историјата и нивното значење во современото време и случувања, целта на „Anne Frank House“ и партнерите е да се постигне помирување преку дијалог за заедничкото минато.