Третото издание на „Поетска епизода“ ќе се одржи вечерва, со почеток во 20 часот и 30 минути, како дел од програмата „50 години МКЦ“.

-Ана Стојаноска, Калиа Димитрова, Дамјан Златановски, Љубица Шопова и Биљана Стојановска во последната епизода за годинава ќе читаат поезија посветена на почетоците, краевите и промените, како карактеристични поими кои ја одбележаа и 2022, информираат од Култура Бета.

Модератори на настанот ќе бидат поетите Андреј Медиќ Лазаревски и Ивана Јовановска, со поддршка од МКЦ Скопје.

-„Поетска епизода“ е нов концепт на поетски средби, во обид да се збогати културната содржина на градот и да се чита убава поезија. Секој настан има флуиден карактер и поинаква тема. Целта на настанот е поетите активно да пишуваат и да се охрабрат погласно и посмело да читаат, а кај публиката да се зголеми интересот за читање (и пишување) поезија, велат од Култура Бета.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/12/2022 10:19