Изложбата „Повеќе од зборови – Благоја Дрнков во етнолошката музејска архива“ од денеска ќе биде отворена во Музејот на Македонија, во чест на работата на фотографот и снимател Благоја Дрнков.
-Благоја Дрнков дава значаен придонес кон унапредувањето на музеологијата и етнологијата. Тој оставил ненадминлива колекција на фотографии, документирајќи ги сите аспекти на традиционалната материјална и духовна култура, како и народното творештво и применетата уметност во Македонија. Она што го издвојува е неговиот посебен однос кон етнолошката документарна фотографија, која не е само гола регистрација на факти, туку претставува визуелен запис исполнет со експресија, љубопитност и енергија, велат од Музејот.
На изложбата ќе бидат презентирани 35 фотографии, кои се значајни чувари на меморијата како сведоштво за иднината.
Според организаторите, изложбата претставува обид да се потенцираат високите дострели во документирањето и презентирањето на нашето уметничко и културно наследство. Фотографиите на овој доајен на етнолошката фото-документација се врежани во колективната визуелна културна меморија, оставајќи многу повеќе од зборови.