Во преполната сала на големата сцена на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес синоќа Новогодишен концерт со класична и народна музика изведоа учениците од сите класи на инструменти од Основното Општинско Музичко училиште „Стефан Гајдов“. Од бројната публика меѓу кои и нивните родители, роднини, пријатели, талентираните млади изведувачи беа наградени со овации и аплаузи.

Концертот го започна Хорот на ООМУ „Стефан Гајдов“, кој ја изведе „Тивка ноќ“ под водство на проф. Славица Ставрева, потоа следеше класичниот дел со дела од Чајковски, Моцарт, Шостакович, Хајдн, Сати, Хендел, Џоплин, Елгар.

Свој настап имаше и оркестарот на традиционални инструменти при музичкото училиште под водство на професорот Трајче Малинов, кој свиреше и пееше стари македонски народни песни.

На крајот настапи Оркестарот на ООМУ „Стефан Гајдов“ со виолини, виолончело, флејти и кларинет под водство на професорите Златко Андреев и Роска Чукниева со популарни мелодии „Валцер бр 2 од Шостакович, „Елка“, „Кан-Кан“ и „Ѕвончиња“ и доби силни аплаузи и овации од бројната публика која на крај долго под ритамот на музиката ракоплескаше.

Директорката на ООМУ „Стефан Гајдов“ проф. Габриела Бачманова истакна дека годинава овој традиционален Новогодишен концерт одлучиле наместо како изминатите години во салата „Бели Мугри“ првпат да го изведат на големата сцена на Народниот театар со многу светла и прекрасно украсена, новогодишна сцена.

-Многу сум задоволна и среќна од успешниот настап на сите класи ученици и оркестарот и хорот на нашето Музичко училиште. Овој концерт е потврда за нивниот вложен труд, вежбање и напорно музицирање и за тоа добија силни и долги аплаузи, а ние на сите посетители им приредивме едно прекрасно уживање, една бајка проследена со прекрасна музика и песна, потенцира проф. Бачманова.

Инаку, учениците од ООМУ „Стефан Гајдов“ редовно се учесници на бројни домашни и меѓународни музички натпревари и фестивали и добитници на голем број награди и признанија.

ООМУ „Стефан Гајдов“ е првото отворено музичко училиште во земјава, веднаш по војната и прославува 77 години од своето успешно постоење и работа. Од неговите клупи излегле голем број професори, и врвни музичари кои настапувале и настапуваат на музичките сцени во земјава, Европа и светот.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/12/2022 10:56