Штитениците во Воспитно-поправниот дом „Тетово“ по речиси двомесечниот прекин во образовниот процес од 13 декември повторно имаат образование.

Прекинот настана кон средината на октомври, поради непродолжување на договорите со наставниците од Основното училиште за возрасни „Антон Семјонович – Макаренко“. По реакцијата на Народниот правобранител до Министерството за образование на крајот на минатиот месец, на 13 декември образованието за 15 деца кои издржуваат мерка упатување во Воспитно-поправен дом продолжи.

Дисконтинуитетот во образованието за штитениците во ВПД „Тетово“ во Волковија, каде се сместуваат машки деца кои дошле во судир со законот, не е новина. Во серијата стории кои МИА и „Само Прашај“ ги објави за состојбата во домот, беше констатирано дека штитениците во Волковија имаа прекин во образованието од септември 2021, за да процесот продолжи во јуни 2022 и повторно се соочи со нов прекин. Станува збор за основно образование на повозрасна група деца, кои од различни причини пред да се упатат во домот не успеале да го завршат задолжителното основно образование. Во ВПД „Тетово“ се упатуваат деца кои се судриле со законот на возраст од 14 до 21 година, поради тоа што и нивното образување мора да се прилагоди на возраста, како и на степенот на подготвеност, кој го имаат.

Народниот правобранител формира предмет по сопствена иницијатива за образованието во ВПД „Тетово“, во кој освен забелешката дека образованието беше прекинато, се наведуваат и останатите недоследности во целиот овој процес на уставно загарантираното право на основно образование.

Државниот советник во институцијата Народен правобранител, Васка Бајрамовска, која го предводеше тимот на институцијата кој во октомври ги посети штитениците во Волковија во разговор за МИА нагласува дека е добро што се прават напори за повторно воспоставување на образованието, но потенцира дека тоа не смее да биде сведено на проекти.

Основното образование за штитениците во Волковија во моментов се спроведува преку проект на Министерството за образование и наука и УНДП, пракса, која се применува изминативе години. Решението е ад хок, од година за година, процесот е непостојан, а по завршувањето на школската година тие деца не добиваат класични дипломи, туку Потврди за завршен одреден степен на образование, кои немаат важност на јавна исправа.

За трајно решавање на овој проблем потребни се измени во законите за основно образование и за образование на возрасни, кои МОН ги најавуваше уште на почетокот на годинава, но процесот според Бајрамовска Мустафа се уште не е почнат.

Во продолжение следува целото интервју со Васка Бајрамовска Мустафа на тема образованието на штитениците во ВПД „Тетово“ со видео материјал:

Неодамна оформивте предмет по сопствена иницијатива за недостиг на образование во Воспитно-поправниот дом „Тетово“. Децата кои се сместени таму од октомври имаа прекин во образовниот процес, го информиравте, испративте известување до Министерството за образование. Чинам тоа беше на 30 ноември, околу 15 дена подоцна Управата за извршување на санкции излезе со информација дека образовниот процес е обновен, Дали сте информирани за состојбата, како тече моментално образовниот процес во Волковија, каде што се сместени машки деца кои дошле во судир со законот и поради тоа им е изречена оваа мерка „Упатување во воспитно-поправен дом“?

Образованието генерално вклучително и образованието на децата коишто се во ризик или се во судир со законот и со судска одлука се сместени во Воспитно-поправниот дом во Тетово на извршување на воспитна мерка, законска мерка, во континуитет ги следиме во Одделот за заштита на права на деца и лица со попреченост и како заштитник, меѓутоа и како Народен правобранител – Национален превентивен механизам посетувајќи ги местата каде што има ограничување или лишување од слобода на граѓаните вклучително и на децата.

По сознанијата дека образовниот процес со почетокот на учебната година кратко траеше и после тоа прекина, ние оформивме предмет по сопствена иницијатива, се обративме до Министерството за образование и наука со информација по извршениот непосреден увид во Воспитно-поправниот дом каде што ги согледавме состојбите на лице место и потоа исто така континуирано продолживме да следиме кои мерки се преземаат, така што ние бевме во постојан контакт и со Управата на Воспитно-поправниот дом. Значи, добивме информација паралелно со доставените ургенции до Министерството да добиеме информации дека се преземаат мерки и од 13 декември веќе започна образовниот процес во Воспитно-поправниот дом за основно образование, односно за 15 штитеници коишто се на издржување на оваа мерка во Тетово и тоа предметна настава за два ученика, односно за двајца штитеници и одделенска настава со продолжување на договорот за работа на ангажираните наставници од училиштето за возрасни „Антон Семјонович – Макаренко“.

Како што веќе споменавте во одговорот на претходното прашање, ангажирани се наставници од Основното училиште за возрасни „Антон Семјонович – Макаренко“. Проблемот на прекинот беше прекинот на договорот или непродолжување на договорите. Имате ли информација сега како се одвива образованието и дали процесот е сега повторно под ризик, бидејќи процесот зависи од продолжување – непродолжување на договори. Значи, немаме еден континуиран процес за одвивање на основното образование во Воспитно-поправниот дом „Тетово“.

Она што го имаме како информација е податокот дека образованието продолжи на ист начин како и досега, како што се одвиваше до октомври со склучен договор помеѓу Министерството за образование и наука и УНДП за ангажирање на наставници коишто ќе одржуваат настава во двете прилагодени или оформени училници за овие две групи на штитеници, коишто ќе следат образование. Познато Ви е дека во информацијата која што ја доставивме до Министерството за образование и наука укажавме на потребата од изнаоѓање на формално системско решение на проблемот на начин со кој со почеток на секоја учебна година ќе започне учебната година и за штитениците во Воспитно-поправната установа. Образованието е задолжително и тоа го обврзува секој орган којшто е задолжен – во случајот Министерството за образование и наука во соработка со Управата за извршување на санкциите да преземат мерки да нема прекин на процесот на образование, односно прекин на настава на децата коишто се во судир со законот и се сместени во домот во Тетово.

Проблемот со недостигот на ова уставно загарантирано право на основно образование го откри МИА по серијата стории. Се упативме во домот за да ги видиме условите во коишто се сместени сега децата во една нова зграда, во современи услови, тоа беше во февруари оваа година и тогаш затекнавме состојба дека штитениците немаат настава за основно образование. Констатиравме дека децата од септември 2021 немаа настава за основно образование. По серијата стории на МИА се активираа институциите, меѓу коишто беше и Народниот правобранител и останатите надлежни институции, процесот се обнови. Сега во октомври повторно се прекина. Значи, имаме еден процес којшто нема континуитет. Имаме обновување – прекинување. Каде го лоцирате проблемот на овој дисконтинуитет? Како овој проблем трајно би се решил и дали она што се одвива во ВПД „Тетово“ е класичен образовен процес? Дали тие деца учат како што учат децата во училиштата, од септември до јуни или имаат малку поинакви програми според коишто го довршуваат основното образование?

Првенствено треба да имаме во предвид дека се работи за образование, на воспоставување на образовен процес во една поинаква средина, односно во установа која што и со Законот за правда на децата е поинаку дефинирана како една специјална установа која што треба да има поинаков режим имајќи го предвид карактерот, типот на децата коишто се сместени таму, нивната безбедност, потребата од обезбедување итн. За нас сметаме дека е добро тоа што се прават напори за воспоставување на образование, меѓутоа не е добро тоа што се решава проблемот со проектно изнаоѓање на решение на едно значајно прашање, кое што има големо значење во процесот на ресоцијализација на оваа група деца, што е од битно значење тогаш кога ќе заврши издржувањето на мерката и треба да се вратат надвор во општеството помеѓу другите луѓе, да можат да се вклопат и да го продолжат нормално животот.

Дали има потреба само од промена на Законот за основно образование или тука го вклучуваме и Законот за образование на возрасни?

Тука сакам да потенцирам дека се работи за образовна структура од една страна, меѓутоа и возрасна структура која што не го опфаќа оној возрасен период што би требало да го имаат, нели, децата за возраста да речам од прво до деветто одделение, за следење на настава итн., туку овде имаме група на деца коишто се со најмала возраст од 14 до 21 година. Од посетата што ја имаме направено, што значи дека и програмата со која што треба да се образуваат треба да биде соодветно приспособена и на условите, меѓутоа и на нивната возраст. Но, она што сметаме дека е најбитно треба по завршување на ова образование на децата во Воспитно-поправниот дом да се здобијат со знаење, да се здобијат со вештини, меѓутоа и секако да имаат сертификат како јавна исправа која што понатаму ќе му послужи на тоа дете, на тие деца по излегување од установата доколку сакаат да го продолжат образованието да го продолжат, таму каде што може да го продолжат во некоја друга установа или доколку има потреба, а секако дека ќе има потреба од нивно вработување заради обезбедување на средства за егзистенција лична и на нивните семејства да може да бидат конкурентни и да може да одговараат на потребите на пазарот на трудот. За жал, тоа досега не се случува. Овие деца сега пред да продолжи процесот на образование, којшто беше прекинат во средината на октомври по нашата посета тие беа повторно тестирани од страна на наставниците од училиштето за возрасни за да го утврдат нивото на нивното знаење. Им се издаваат Потврди за одреден степен на образование, којшто укажува на тоа дека тие имаат некакво познавање, меѓутоа не и степен за завршено образование.

Нашата забелешка е дека образование на овие деца мора да биде формално и мора да на крај да заврши со добивање диплома, уверение или сертификат, од којшто нема да биде препознаено, да има знак, дека тие образованието го завршиле во казнено-поправна установа, воспитно-поправна установа, а на тоа впрочем укажува и Законот за правда за децата.

Дали ова како што се нарекува проектно образование е всушност формално образование или можеме да го сведеме на некое ниво на обука, неформално образование?

Ако се има предвид кои предмети ги изучуваат децата, што изучуваат, значи тоа се седум наставници, ако не се лажам од „Макаренко“, кои држат предавања и најголемиот дел од нив се на одделенска настава, значи почетно описменување, бидејќи ние затекнавме девет деца целосно без никакво образование при посетата или седум деца без нецелосно основно образование, што значи дека тие се описменуваат, учат македонски јазик, учат математика или учат изборен јазик, ликовно, музичко или некои вештини итн., што значи дека ова не е класично формално образование, имајќи предвид дека тие не учат согласно програма. Порано знам дека се образуваа согласно експериментална програма, која што ја изработува Бирото за развој на образованието, а сега се нарекува програма за нивна едукација, која што искрено не знам ни каде се вкрстува. Не може да е вкрсти ниту во Законот за основно, уште помалку во Законот за средно образование, а ја нема согласно оние правила кои ги бара образованието за возрасни. Можеби решението е тука, за оваа категорија на деца да се изработи програма од Бирото за развој на образование или во надлежните други органи во рамките на Министерството за образование и наука која што ќе потпаѓа под режим на она што значи стекната квалификација, стекнат степен на образование за да може понатаму да има валидност, да може да се мери, односно да може да се знае дека определено дете кое што било сместено во воспитно-поправен дом добива такво образование, се стекнало со определено звање кое што ќе му овозможи понатамошно образование.

Во прашање е комплементарност на таа исправа што ја добиваат децата таму и она што значи свидетелство, диплома, јавна исправа во општеството. Споменавте, тие добиваат потврда за завршен одреден степен на образование. Што таа потврда значи? Дали тоа е јавна исправа?

Не случајно споменав и Законот за возрасни, меѓутоа и сите други закони како јавни исправи во делот на образованието ги споменуваат односно ги препознаваат свидетелството, уверението, дипломата како јавна исправа. Потврдата не претставува јавна исправа и тоа е факт. Меѓу другото, ако се гледа потврдата и на самата потврда пишува дека тоа не претставува доказ за стекнат одреден степен на образование.

Значи овие деца и покрај тоа што ќе поминат некаков образовен процес кога ќе излезат од таму повторно ќе немаат формална потврда за завршено основно образование и ќе имаат проблеми во системот, во општеството значи нема да можат рамноправно да учествуваат на пазарот на труд како и останатите граѓани.

Вие бевте дел од тимот или го предводевте тимот што неодамна ја посети установата. Кажете ми на каква состојба наидовте на терен, какви се условите воопшто, а во однос на образованието колку деца моментално се сместени таму и каков е степенот на нивното образование?

Во моментот кога ја извршивме посетата, значи во октомври, затекнавме 20-тина деца на возраст од 14 до 21 година. Три деца беа со завршено средно образование, едно со целосно завршено основно образование, останатите како што споменав и претходно се или без никакво образование или се без целосно оформено образование.

Условите се без никаква забелешка, тоа е факт имајќи предвид дека проблемот со децата во воспитно-поправниот дом го следам долги години ако компарирам со нивното сместување во Велес, во затворот во Охрид и сега овде во Воспитно-поправниот дом во Тетово, во Волковија, слободно можам да кажам дека оваа зграда или оваа установа изградена за децата е согласно стандардите. Меѓутоа не знам навистина што беше целта на креирање на една толкава гломазна установа за сместување на деца, каде има повеќе од 100 легла, со затворено, полуотворено и отворено одделение. За време на нашата посета, од увидот во досиејата, разговорот со директорот, со раководителите на Одделението за третман, за воспитување, за ресоцијализација, здравствената служба, која што ја затекнавме таму, заклучивме дека се работи за деца, коишто сите се во отвореното одделение. Тие имаат точно организиран начин на живеење, односно дневна рутина – во колку часот стануваат, во колку часот е појадокот, кога се образуваат, кога почнуваат со стручно оспособување. Таму има занаети – стекнување на определени вештини, што е добро и е за поздравување, затоа што по завршување на тој занает од 18 месеци тие добиваат сертификат за занает и тоа можат да го користат кога ќе излезат од установата.

Добро е тоа што имаат доволно стручна служба, која што работи во делот на ресоцијализацијата, имаат можност за индивидуален пристап кон секое од децата, имаат можност и за групна работа, за разговарање за теми коишто ги интересираат и имајќи предвид дека треба да се дејствува во насока на подготвување на тие деца по завршување на мерката да излезат и да се вклопат во општеството како сите други луѓе во државата.

Исто така, добро е тоа што има медицинска сестра, која што осум часа. Работи секој ден од понеделник до петок, има служба која што таму со нив работи паралелно на економија, работат заедно на уредување на дворот, децата имаат слободно време, имаат активности, можности како да го исполнат тоа слободно време. Она што искрено мене ми остави впечаток и тоа го забележав во нашата информација е тоа што и покрај напорите и добрата волја на директорот и на стручната служба во однос на тоа да укажат колку е важно образованието и за овие деца опремија и библиотека со разни видови книги, сепак за жал ако се има предвид колку од децата знаат да читаат, колку од нив се писмени, многу е веројатно е колку од нив навистина реално може да ја искористат оваа библиотека. Добро е тоа што во разговорот со децата, но и од активностите кои ги спроведуваме ние надвор од установата ние ги среќаваме овие деца, што е за поздравување. Значи тие се вклучени во проектни активности коишто се надвор од воспитно-поправната установа, меѓу други деца и млади од државата, каде што даваат свој придонес, изнесуваат свои мислења, искажуваат свои перцепции за определени прашања. Во домот бевме информирани дека за нив таму е подготвено и специјално музичко студио, во кое тие самите поминуваат определен дел од денот, компонирајќи музика, снимајќи песни итн., што е добар знак во помагање за квалитетна ефикасна ресоцијализација на децата.

Може да заклучиме дека има поместување на подобро во цел овој процес на издржување на оваа мерка „Упатување во воспитно-поправен дом“ и нејзината крајна цел ресоцијализација, имајќи предвид дека претходно тие деца беа сместувани во затворски услови пред да се отвори овој дом, значи има поместување на подобро во повеќе аспекти. Меѓутоа во однос на образованието има сериозен проблем којшто е системски. Каде го гледате решението и претходно министерот за образование споменуваше измени во тие два клучни закони, меѓутоа тие измени се уште не се случуваат. Имате ли сознанија дали тој процес е покренат? И накусо да ми кажете, како системски да се реши овој проблем тие деца да имаат валидно завршено основно образование?

Решението е образованието да влезе во Законот за возрасни и така беше и најавено. Ние го следиме процесот. Се уште не е донесен овој закон во Собрание, иако беше најавен дека е влезен во собраниска процедура, со што ќе се најде решение за моменталната состојба и секако ќе има поинаков ефект генерално на сето тоа што се вложува во процесот на образование. Сметам дека многу посериозно треба да се посвети внимание на ова прашање, кое што е клучно за понатамошниот развој на секое од овие деца, на понатамошната нивна промена, стекнување на определени позитивни навики. Не смееме да зборавиме дека сите овие деца, најголемиот дел од нив потекнуваат од дисфункционални, необразовани, нецелосно образовани семејства и ако и во установата каде што ќе поминат една, две, три или пет години во зависност од оценката на установата или надлежниот суд за ефикасноста на ресоцијализацијата ние не успееме преку процесот на образование да им помогнеме и да им овозможиме кога ќе излезат со сертификат во рака да можат да се вработат, големи се можностите и шансите повторно некое од нив да го видиме или во воспитно-поправниот дом или во малолетничкиот затвор или во некој од казнено-поправните установи, а на што впрочем наидувавме во нашите посети. Во времето кога децата се сместуваа во воспитните установи како деца коишто имаат определени воспитно-социјални проблеми или несоодветно однесување, па ги затекнувавме децата во воспитно-поправни установи, па во воспитно-поправен дом, во малолетнички затвор како синџир, па наместо ресоцијализација… Искрено поставувам прашање навистина што во такви случаи правиме со децата?

Заклучокот е промена на Законот за образование на возрасни. Се надевате дека тоа ќе се случи во скора иднина иако ние имавме информација од министерот за образование уште во февруари дека процесот е покренат, меѓутоа гледаме дека се уште не е покренат. Имате ли некое сознание дали ќе се покрене наскоро, дали вие ќе притиснете или некоја друга институција, дали јавноста – како да се направи тој притисок да се му даде на значење на ова прашање?

Знаете дека Народниот правобранител секоја година по завршување на календарската година подготвува Годишен извештај покрај посебните извештаи и информации коишто во текот на годината ги доставува до надлежните органи и бара интервенции, така што прашањето со немањето образование секако ќе најде место во Годишниот извештај на Народниот правобранител, препораките коишто се дадени во информацијата со позасилена насока ќе бидат споменати и во Годишниот извештај којшто ќе биде разгледан во Собранието на Република Македонија и секако веруваме дека ќе се стави акцент на ова прашање. Конечно ќе се внесе и прашањето на образование на овие деца и со тоа не само што ќе се реши основното образование, туку ќе се реши генерално процесот на образование затоа што ние во воспитно-поправниот дом затекнавме и деца коишто можеби треба да завршат и средно образование, а помали се шансите Законот за средно образование да се применува во воспитно-поправен дом, имајќи го предвид различниот карактер или различните видови на средно образование во државата.

Исто така, треба да се има предвид дека и лице кое што завршува средно образование, а е сместено во установа доколку сака да се образува на високообразовна установа и тоа право треба да му се обезбеди затоа што постојат можности и вонредно да се заврши тоа образование и секако треба да се отворат ширум вратите на овие деца за остварување на процесот на образование во сите степени на образование непречено.

За крај би ве прашала, кога ние како новинари ги правевме сториите за децата на коишто им е изречена оваа мерка, забележавме и тоа потоа беше констатирано и од институцијата Народен правобранител и од Комисијата за заштита од дискриминација дека за девојчињата на коишто им е изречена оваа мерка не постои соодветна установа каде што би ја издржувале и се сместуваат во затворот „Идризово“, во прилагодена соба, во простории, каде се сместени и возрасни затворенички. Дали тука има некои поместувања. Некои од предлозите беа да се прилагоди дел од домот во Волковија за женски деца, меѓутоа имаше различни мислења од различни експерти дека не е можно на едно место да бидат и женското и машкото одделение, дека мора да има посебен објект. Во моментов колку што знам нема девојчиња коишто ја издржуваат оваа казна, но не значи дека во иднина тоа нема да се случи.

Народниот правобранител исто така го има нотирано овој проблем и исто така јавно го има изнесено својот став дека сместувањето на женските деца, односно девојчиња коишто дошле во судир со законот, а не се полнолетни, тоа што мерката ја издржуваат во установа, каде што казна затвор издржуваат и возрасни осуденички, е несоодветно и се коси со сите правила коишто укажуваат на тоа каков треба да биде третманот кон женските деца, коишто дошле во судир со законот. Добрата работа во целата оваа неподготвеност би рекла е тоа што во моментов нема ниту едно девојче на издржување на оваа мерка, но тоа не значи дека тоа нема да се случи. Ставот и предлогот на Народниот правобранител беше токму во таа насока да се искористат постојните капацитети на Воспитно-поправниот дом. Станува збор за огромен објект, којшто е неискористен и тоа може да се направи со соодветни измени на законот и на подзаконските акти, коишто го уредуваат начинот на сместување на машки и женски лица. Во тој случај Секторот за ресоцијализација исто така треба да води грижа и за вработување на соодветни лица од соодветен пол во овој случај.

Треба да се има предвид дека со ова решение нема да има потреба од некоја поголема инвестиција, но секако се остава простор на надлежните, на Управата за извршување на санкции, меѓутоа и Министерството за правда како најповикано во конкретниов случај да изнајде најсоодветен начин за сместување на женските деца, бидејќи и тие како и сите други до моментот на полнолетството ги уживаат сите права како граѓани. Како деца согласно Конвенцијата за правата на детето уживаат посебна заштита, како и согласно Законот за правда на децата, иако за нив важат и прописите на Законот за извршување на санкциите и не смееме да зборавиме дека секое позитивно влијание врз определена личност која што се уште не е целосно изградена може да доведе до позитивен ефект. Во спротивно ќе направиме само штета, која што нема да биде добро ниту за тоа дете – девојче, а уште помалку за општеството во кое што треба да живее, да работи и да се врати во него.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/12/2022 11:01