„Италијанската девојка“ од Лусинда Рајли е најбараната книга за 2022 година, изјави Александра Костовска, која 18 години е дел од тимот на издавачката куќа „Матица“.
– Оваа семејна сага е најпродавана книга годинава. По неа следува трилерот „Последниот преживеан“ од Тес Геритсен. На трето место е „Клетва“ од Јелена Бачиќ Алимпиќ, најпознатата српска авторка и новинарка. Потоа доаѓа „Флертот низ призмата на стручњакот“ од Андреј Курпатов, најпознатиот руски психолог, кој ги разоткрива тајните на личниот и на професионалниот успех. На петтата позиција е „Море на загубената љубов“ од Санта Монтефjоре. Станува збор за романтична и напната приказна за семејните тајни и за победата на љубовта, инспирирана од мирисите и звуците на Италија, појасни Костовска.
Како што посочи таа, читателската публика е мешана.
– Можам да кажам дека возраста на читателите се движи од 10 до 80 години. Најмногу се преферира да се чита трилери, додека децата преферираат да читаат нешто што е мистерија, со волшепства, со авантури. Психологија се чита и доста е популарна, а луѓето читаат и историја. Историја на Македонија, додаде Костовска за МИА, нагласувајќи оти книгите не се делат на машки и женски, ами секој може да чита најразличен жанр.
Кај тинејџерите популарни се доживувањата на Нарнија, „Сребрениот стол“, „Коњот и неговото момче“, како и „Господарот на прстените“.
– Книгите на Карлос Руиз Зафон исто така се читаат. Се работи за шпански автор, кој ја обработува Барселона, додаде таа.
Македонците сакаат да читаат на други јазици, но, неретко и странци доаѓале да се подноват со книга на македонски јазик.
– Се чита и на други јазици. Имаме англиски бестселери, англиски класици, српски изданија. Доаѓаат и странци да бараат книги на македонски јазик. Претежно бараат книги за Македонија или нешто што е за учење на македонски јазик за странци. Се читаат и македонски писатели, истакна Костовска.
При купување книга, ја прашавме колку голема улога има цената во моменталната криза со која се соочува светот.
– Бидејќи сме издавачка куќа долго време, имаме слоган „Подари книга, подари љубов“. Како и секоја година, традиционално имаме саем што се одржува во месец јануари. Тоа е од 20 до 30 јануари и тогаш имаме доста намаление, до 80 отсто. Така да, секој може да дојде и да си ја збогати домашната библиотека. Значи книгите се движат од 100 до 300 денари, рече Костовска.
Повеќе се читало во зимскиот период, отколку во летниот.
– Се чита и во летниот период, бидејќи имаме акција со книга на плажа, но, можам да издвојам дека луѓето повеќе читаат во зимскиот, децидна беше Костовска.
Нејзина омилена книга е историскиот роман „Папата Јована“. Како книга што секој треба да ја прочита, ја издвои „Пилешка супа за душата“.
– Се работи за 101 приказна што го отвораат срцето и ја крепат душата, всушност е популарна психологија. Тоа е предлог од мене, секој треба да ја прочита оваа книга, голем бестселер во светот, подвлече Костовска.
Ја прашавме која е нејзината новогодишна желба, додека со многу љубов ги допираше кориците на делата пред себе, раскажувајќи ни со топлина за магијата на секое од нив.
– Моја новогодишна желба е да има само здравје и мир, да се читаат повеќе книги, да се сакаат книгите бидејќи тоа е трајна вредност што секогаш останува и да ја стоплат душата во претстојните празници, со насмевка ни одговори веселата љубителка на книги.