Писателот и публицист Зоран Стојановски од Тетово ја објави новелата „Разговори со Бен“, која деновиве ќе излезе од печат. Ова е негова втора книга во печатено издание, додека во електронска форма досега има објавено десет дела. Издавањето на новелата е дел од неговата интенција сето творештво создавано четири децении, да го претстави пред читателската публика како печатени изданија.
За новелата, писателот Стојановски вели дека е една приказна која може да смени живот.
– Таа имаше два обида за самоубиство. Тој еднаш успеа да ја спаси. А еднаш само беспомошно ја гледаше како се исправа на тенкото железо од металната ограда на Лебедовиот остров, високо над Сена… И тече по Сена таа љубовна сага за Емили Делакроа и Бен Магдевски и по нејзините блескави мостови, и по сите 12 најпознати Париски булевари, околу триумфалната капија и ви се чини дека сте таму, дека и Вие шетате по Шанзелизе, додека ја читате таа приказна во која сите милиони пеперутки на Елисејските полиња треперат во стомакот на Бен. За да може тој да лебди негде помеѓу Ајфеловата кула и Трокадеро квартот, но и за да тресне подлабоко од четвртото ниво под земја на кулата Монпарнас. Многу, многу подлабоко во бездната на депресијата и страшно како одлуката дека тој не треба да живее… А Вие можеби сепак ќе заклучите дека ова е приказна со среќен крај, открива авторот дел од содржината на новелата.
Неговото прво печатено дело „Тетовски раскази“ беше издадено во јуни 2021 година. Книгата „Разговори со Бен“, ќе биде исто така во предпродажба следните два месеца. Планирана е и промоција на книгата во текот на март 2023 година.
Стојановски е роден во 1963 година, по професија е дипломиран психолог, форензичар, а кариерата ја поминува на позиции во секторот за ресоцијализација во Воспитно-поправниот дом Тетово. Исто така, тој е тренер во карате клуб „Басаи“ од Тетово