Авиокомпаниите „Виз ер“, „Луфтханза“ и „Егеан ерлајнс“ доставија понуди на тендерот за доделување финансиска поддршка за нови авиолинии од Меѓународниот аеродром „Скопје“ и аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид за периодот од 2023 до крајот на 2025 година.

Понудите беа отворени денеска во Министерството за транспорт и врски од страна на Комисијата за таа намена. Следната недела ќе биде извршена евалуација на понудите по што се очекува да има избрани авиокомпании со кои ќе се склучи договор за субвенции за нови летови.

Со повикот, што беше отворен од 20 декември лани до вчера напладне, за разлика од претходните повици, можат да се изберат повеќе авиокомпании. За годинава се предвидени 1,1 милион евра за финаниска поддршка за нови авиолинии.

Финансиската поддршка, според повикот, ќе се доделува согласно критериумите за рангирање на новите дестинации по следниот редослед: период на oперирање на дестинацијата, број на неделни летови, атрактивност на аеродромот кон кој оперира, број на седишта понудени на продажба.

Се предвидува да се доделува субвенција од седум евра во денарска противвредност по патник во заминување превезен од Меѓународниот аеродром „Скопје“ и од 4,5 евра во денарска противвредност по патник во заминување превезен од аеродромот „Св. Апостол Павле“ – Охрид.

На 1 март минатата година заврши последниот од трите договори за субвенционирани летови со унгарскиот нискобуџетен авиопревозник „Визер“.

Меѓународниот Аеродром „Скопје“ и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, ја завршија 2022 година со приближно 2,4 милиони патници и 19.448 летови. Двата аеродрома забележаа 70 проценти пораст во патничкиот сообраќај во 2022, споредено со 2021 година, додека споредено со референтната година во воздухопловството, 2019 година, патничкиот сообраќај е на -11 проценти, односно 89 проценти стапка на закрепнување согласно статистиката на патничкиот авиосообраќај за 2019 година.

Од Меѓународниот Аеродром „Скопје“ сообраќаат 11 авиокомпании („Ер Србија“, „Аустриан Ерлајнс“, „Кроација Ерлајнс“, „Еделвајс“, „Чер Ерлајнс“, „Пегасус Ерлајнс“, „Туркиш Ерлајнс“, ЛОТ, Егеан, „Виз Ер“ и „Изиџет“) до 36 дестинации, а од Аеродромот „Св. Апостол Павле“ – Охрид две авиокомпании („Виз Ер“ и „Чер Ерлајнс“) сообраќаат до четири дестинации.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/01/2023 14:31