Во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов - Џинот“ во Велес во сабота вечер од 20 часот ќе биде изведен танц перформансот „Shchwindel" / „Вртоглавица“.

Кореографијата е на Тобиас Драгер од Германија, за сценографијата се погрижи Мартин Манев, а ќе настапат танчерите Дејан Битровски, Теодора Ежовска, Сара Тасевска, Нина Петрушевска, Илина Костовска и Елена Стојкоска.

Костимите ги изработија Антонија Гугинска Јорданоска и Маја Ѓуреска.

Како што информираат од велешкиот театар, „Shchwindel" е термин на германски јазик кој има двојно значење, и тоа „измама“ и „вртоглавица“.

- Идејата за името на овој перформанс доаѓа од заинтересираноста на кореографот да ја адресира појавата на вртоглавица и исцепреност како последица на брзиот начин на животот со кој се соочуваме денес. Така, овој перформанс се занимава со истражување на тоа како луѓето се справуваат со разни емоционални и животни фази, разни состојби, справување со очај, повреда, ранливост на физичко и емоционално ниво, но, и со тоа како се преминуваат границите помеѓу овие. Во рамките на работниот процес, кореографот ги предизвика танчарите со вртоглаво патување, а насочено кон истражување на сопственото тело и сопствените граници и анализа на последиците од нашето општество во однос на справувањето со болестите и стареењето. Ги отсликува различните состојби на телото и умот, индивидуалната конфронтација со ранливост и самоизложеност, а повикува на градење доверба со себе и со останатите и истрајност, наведуваат од Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“.

Проектот е поддржан од Амбасадата на Швајцарија и Агенцијата за развој и соработка на Швајцарија во земјава



Автор: Администратор
Објавено на: 02/02/2023 00:45