Во рамки на одбележувањето на 130-годишнината од смртта на македонскиот поет и преродбеник Григор Прличев денеска во Охрид беше промовирана Монографија по повод 70 години од основањето на Народната библиотека во Охрид што го носи неговото име.

Авторот на Монографијата, м-р Милчо Јованоски, истакна дека одбележувањето 70 години траење, издигнување и работа во континуитет на една библиотека е јубилеј што заслужува респект, почит и внимание.

„Во работата на оваа библиотека што го носи името на големиот преродбеник и деец Григор Прличев, вграден е труд, ентузијазам и знање на стотици личности, почнувајќи од Ангел Групче кој својот дуќан го претворил во центар на народна писменост уште во 1830 година, па до денешни дни“, изјави Јованоски.

Јованоски кој е и директор на Библиотеката, истакна дека се работи за хронолошки богато четиво, распослано на над 170 странци со близу 250 фотографии, дело за кое рече дека е „златен трезор на нашата охридска Библиотека“.

Во делото систематски се прикажани сите настани што го одбележале се она што се случувало во седумдеценското опстојување на Библиотеката, како и на сите личности кои биле и се дел од неа.

Во развојот на библиотеката вградени се имињата на бројни писатели, поети и други љубители на книгата меѓу кои и на Радослав Петкоски, Перо Лештар, Димче Маленко, Никола Чудо, потоа Димче Протуѓер, Асен Групче, Борис Бојаџиски, Димче Коцо, Сика Огненова и ред други.

Промотор на книгата беше новинарот и публицист Свето Стефаноски, а книгата е издадена со поддршка на Министерството за култура и Општина Охрид.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/02/2023 15:34