Книжевно – музички перформанс „Гоце Делчев – великанот роден за да нè учи и води“ беше организиран во штипската библиотека.
Преку книжевни читања и расчитувања, музички точки и ликовни творби, учениците од основните и средните училишта во Штип му оддадоа почит на Гоце Делчев по повод 4 февруари, денот на неговото раѓање.
- Токму по повод 4 февруари, денот на раѓањето на великанот од нашата историја, Гоце Делчев, ние решивме како библиотека, установа од областа на културата, која ја шири културата овде во градот и пошироко, која го негува пишаниот збор, да го одбележиме, да дадеме почит на неговиот лик и дело, ако не друго, преку пишаниот збор и преку песната напишани на македонски јазик од страна на најмладите, кои се нашата иднина, учениците од основните и средните училишта, коишто со гордост, со љубов, со пиетет ќе рецитираат и ќе пеат во чест на Гоце Делчев“, истакна Соња Манева, библиотекарка.
Книжевно-музичкиот перформанс беше воден од мислата на Делчев, „Јас го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар меѓу народите“. Пораката на различен начин ја пренесоа ученици од штипските училишта.
Претходно Библиотеката ,, Гоце Делчев“ пет години организираше двоен книжевно-музички перформанс кој го носеше називот „Тоше има само датум на раѓање“ и „Гоце Делчев – великанот роден за да нè учи и води“ во чест на Тоше Проески и Гоце Делчев. Активностите кои предизвикуваа голем интерес кај публиката стагнираа за време на пандемијата, а оваа година Библиотеката се одлучила настанот да го посвети само на нивниот патрон, Гоце Делчев.