Денеска се навршија 10 години од катастрофалниот пожар што ги пеплоса конаците на манастирот „Успение на пресвета Богородица“ Трескавец во близината на Прилеп. Пожарот е трет во историјата на манастирот кој се закани да го уништи ова култно, светски познато, здание од пред повеќе од девет века.

Причините за избувнувањето на пожарот на 4 февруари 2013 година беа окарактеризирани како несреќен случај поради затнати оџачки канали. Во новиот проект со обновата во која државата вложи повеќе од два милиона евра се направени и проекти за заштита од пожар.

Конаците се готови пред повеќе од три години, но сè уште не може да се направи технички прием зашто не се изградени водоводот и пречистителната станица. Владата има одвоено околу 100 000 евра, има основен проект, но досега нема реализација. Тоа е обврска општина Прилеп. Како што ни соопштува отец Калист, единствениот жител на Трескавец, последната најава што ја добил од прилепската локална самоуправа е дека работите „ќе тргнат“ со затоплувањето на времето.

Во меѓувреме, вниманието на стручната, и на јавноста воопшто, го привлекува прашањето за заштитата и спасот на црквата во манастирскиот двор, „Успение на пресвета Богородица“. Констатирано е дека влагата може да направи несогледливи штети на црквата од 12 век.

Прилепскиот Завод и музеј до Министерството за култура достави два проекта за решавање на проблемот, формиран е меѓународен тим и очекувањата се дека годинава може да почнат поконкретни активности за заштитата.

Манастирот Трескавец на преку 1 800 метри надморска височина со црквата „Успение на Пресвета Богородица“ е на светската листа на културно наследство во опасност кое мора да се заштитува. Голем број посетители и туристи од цел свет непрекинато го посетуваат. Трескавец е култно место од памтивека. Истражувачите се обидуваат да ги откријат и археолошките тајни.

Новите конаци, пак, очекуваат да бидат ставени во употреба и на посетителите да им бидат ретко место на спокој и задоволство.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/02/2023 07:20