Сопругата и ќерката на починатиот политичар и поранешен пратеник од Тетово Томислав Стојановски-Бомбај најавуваат дека ќе се промовира биографска книга за нивниот татко и сопруг. Промоцијата на книгата „Сеќавања на еден енергичен и исполнет живот“ е закажана за во четврток 9 февруари во тетовско музичко училиште. Стојановски почина на 5 март 2022 година

-Книгата е компилација на неговиот живот и на животните случувања околу нас, а изобилува со сериозен фонд на фотографии, медиумски написи и стенограми, најавуваат од семејството.

Томислав Стојановски-Бомбај е роден 1940 година во Тетово, а завршил Машински факултет. Беше основач и претседател на Демократската партија на Македонија (ДПМ), а беше избран за пратеник од редовите на ДПМ на изборите во 1994 година.

Во Тетово Стојановски беше познат и како долгогодишен директор на Средното земјоделско училиште „Моша Пијаде“ во Тетово. Бил и директор на енергетското одржување на некогашниот текстилен гигант „Тетекс“. Откако се пензионираше Стојановски го основа Тетовскиот фолк фестивал што се одржуваше во манастирскиот комплекс во селото Лешок.

Минатата 2022 година по повод Денот на ослободувањето на Тетово постхумно го доби признанието „19 ноември“ за животно дело во областа на општествениот развој.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/02/2023 15:30