По повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик/Денот на лингвистичка и културна разновидност и повеќејазичност - 21 февруари, Министерството за образование и наука распишува конкурс за есеј на тема „Мојот јазик - мост помеѓу мене и тебе” за ученици од шесто до деветто одделение од основните училишта во земјава.
Како што е наведено во конкурсот, есејот треба да биде оригинален, со силен израз и мисла која ја отсликува темата на конкурсот.
-Есејот треба да има од 200 до 300 зборови, да биде со читлив и јасен ракопис, напишан на јазикот на кој ученикот ја следи наставата во училиштето (македонски, албански, турски, босански и српски јазик) или на англиски јазик. На крајот на есејот потребно е ученикот да напише порака на зададената тема на јазик различен од јазикот на кој ја следи наставата, пишува во конкурсот.
Еден ученик може да испрати само еден индивидуален авторски труд. Есеите кои не ги задоволуваат критериумите или се со непримерна содржина ќе бидат дисквалификувани.
Есејот треба да се прати во плик до Министерството за образование и наука и на него да стои шифра, а во посебен внатрешен плик означен со истата шифра да бидат доставени податоците за ученикот (име и презиме, одделение, училиште, општина и контакт телефон од родител/старател). Посебниот внатрешен плик ќе биде отворен само за наградените есеи по извршениот избор.
Есејот заедно со пликот со податоци за ученикот кој го напишал се доставува со назнака „За конкурс за есеј на тема - „Мојот јазик - мост помеѓу мене и тебе” . Праќањето на есеите е најдоцна до 15 февруари 2023, до Министерството за образование и наука, на адреса: ул. „Св.Кирил и Методиј“ бр. 54 , 1000 Скопје.
За изборот на најдобрите есеи, МОН ќе формира комисија за секој од наставните јазици, составена од пет членови. Ќе бидат доделени награди само за учениците кои ќе освојат прво место во секој од наставните јазици. На учениците кои ќе освојат второ и трето место ќе им бидат доделени признанија.
Наградените трудови со шифрите, МОН ќе ги објави на 25 февруари 2023 на својата веб-страница (www.mon.gov.mk).