Во просториите на Европската куќа Крива Паланка од денеска до 15 март е достапна изложбата инсталации „Стаклена соба: Погрешни информации и манипулации на интернет“, во организација на Делегацијата на Европската Унија и Македонскиот институт за медиуми. Изложбата е посветена на Денот за безбедност на интернет, 7 февруари, а за неа говореше Билјана Петковска, директорка на Македонскиот институт за медиуми. -Изложбата претставува атрактивна и едукативна инсталација составена од серија постери, интерактивни апликации и анимации, кои може да се постават во изложбени простори и да се посетат онлајн. Таа им нуди можност на посетителите да дознаат повеќе за погрешните информации и за улогата на интернет-корисниците во нивно ширење, како и за бизнис моделите, дизајнерските тактики и кориснички навики што овозможуваат поволна средина за нивно пренесување. Како дел од поставката подготвено е и „упатство за детоксикација од податоци", вклучително и од погрешни информации, што содржи конкретни совети како паметно и одговорно да се користи технологијата, информира Петковска. На тема медиумска писменост, безбедност на интернет и дигитална безбедност, до 15 март МИМ во соработка со Европската куќа Крива Паланка ќе организира три интерактивни работилници за возрасни и за млади. -Изложбата е осмислена и подготвена од Тактикал Тек (Tactical Tech), меѓународна невладина организација со седиште во Берлин, во соработка со повеќе европски партнери, а ко-финансирањето е обезбедено преку Европската Унија. По отворањето во 2020 година, изложбата е поставена во 19 земји низ Европа на различни локации, како библиотеки, училишта, излози на продавници, железнички станици, и е достапна на повеќе од петнаесет јазици. Досега, поставката ја посетиле над 30.000 посетители ширум Европа и неколку стотини илјади онлајн, а од Крива Паланка, изложбата ќе биде пренесена и претставена пред струмичани,во соработка со Европската куќа Струмица, додаде Петковска.