Книгата „Брливо шилеже“ во издаваштво на Пелагонски културно-научни средби-Новаци, на авторот Божин Андоновски содржи 23 раскази или искази на луѓе, како и сеќавања на самиот автор од кои се откриваат времиња и настани преку кои Андоновски прави конструкција и реконструкција на историјатот на еден регион.

На синоќешниот промотивен настан во Битола, рецензентот, универзитетскиот професор Златко Жоглев истакна дека авторот Божин Андоновски во расказите внесува многу луцидни и креативни коментари поврзани со народната традиција и верувања кои всушност служат како инспирација за повеќе раскази од книгата.

-Станува збор за едно многу интересно дело, во кое авторот целосно се посветил и внел многу животно искуство и емоции, а по прочитувањето на книгата, нема да можете да бидете рамнодушни, посочи Жоглев, додека пак рецензентката, универзитетски професор Гордана Стојаноска истакна дека во „Брливо шилеже“ стилот на авторот е лесен и богат низ кој како што рече, иако повеќето раскази навидум имаат цел да насмеат и расположат, ако се спуштиме подлабоко во нив, тие раслојуваат и опишуваат многу битни општествени настани и состојби во времиња толку различни од денешните.

Рецензенти на книгата се и д-р Весна Калпаковска и професорот Ѓорги Лазаревски кој Андоновски го вброи во најпродуктивните автори со објавени книги со поезија и проза од битолскиот крај.

Публикацијата „Брливо шилеже“, е дело кое сведочи за тоа колкава е неговата поврзаност со родната татковина Македонија, со неговата Пелагонија, од која живее инспиративно, црпејќи различни теми во своето творештво, истакна Лазаревски.

Пред аудиториумот во Битола, уредничката на книгата, универзитетскиот професор Даниела Андоновска – Трајковска, потсети дека Андоновски е автор на седум книги, односно две трилогии „Лет над урнатите гнезда“ и „Оживеани искри“ и збирката реалистично-хумористични раскази „Брливо Шилеже“.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/02/2023 09:46