Во Културно-информативниот центар „Романса“ во Македонска Каменица денеска ќе биде отворена патувачката изложба „Ана Франк – Историја за денес“.
Изложбата ќе биде отворена за јавноста до 24 февруари 2023 година, а влезот е бесплатен.
„Ана Франк – Историја за денес“ е збир од 39 панели кои носат бројни детали од животот на малата Ана и нејзиното семејство од Втората светска војна. Во изложбата има и панели кои се креирани посебно за македонскиот контекст во периодот по Втората светска војна до денес, а изработени од домашните експерти Мишо Докмановиќ и Бесник Емини.
Изложбата е отворена во Македонија во рамки на проектот „Хисторија, Историја, Повјест – Лекции за сегашноста“, а организатори се Младински образовен форум и Куќата на Ана Франк од Амстердам.
Она што ја прави оваа изложба поинаква и посебна е што водичи за посетителите ќе бидат млади волонтери, ученици од СОУ „Миле Јаневски Џингар“ кои ќе поминат обука од обучувачи од МОФ за да ја раскажат приказната на Ана Франк.
До сега, изложбата беше поставена во 22 општини низ државата.
Изложбата во Македонија е изработена и донесена во рамки на проектот „Хисторија, Историја, Повјест – Лекции за сегашноста“ поддржан од Европската унија. Во рамки на проектот воден од Куќата на Ана Франк, а во соработка со организациите МОФ, ХЕРМЕС, Младинска иницијатива за човекови права и Отворена комуникација, изложбата ќе биде достапна за младите од Македонија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Србија. Во Македонија изложбата доби поддршка од Министерството за надворешни работи, Министерството за култура, Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија и Амбасадата на Кралството Холандија.
Проектот има за цел да го покрене вниманието и да поттикне дискусија за настаните од блиското минато на Западен Балкан кои се причина за различни поделби и генерирање конфликти во минатиот век. Преку промовирање на критичко размислување за настани од историјата и нивното значење во современото време и случувања, целта на Anne Frank House и партнерите е да се постигне помирување преку дијалог за заедничкото минато.