Целата фонотека на Радио Штип, плочите собрани во кутии, се наоѓаат во депото на мултимедијалниот центар „Киро Глигоров“-Штип, информира Кирил Панајотов вработен во Општина Штип.
-Ова е еден вид на сведоштво, една историја за единственото електронско јавно гласило кое Општина Штип го имаше пред 10 до 15 години. Станува збор за Радио Штип, чии основач е Општина Штип и во процесот на стечајната постапка Општина Штип се погрижи најголемиот дел од фонотеката на Радио Штип да биде згрижена. Тоа се плочи кои со децении ја развеселуваа слушателската публика. Радио Штип сега е во кутии и стои овде згрижен во депото на општинскиот мултимедијален центар, вели Панајотов.
Во кутиите има плочи, цедиња, касети, македонски традиционални игри и ора, „Макфест“ од годините наназад, се собрано на едно место, не се употребува иако се во одлична состојба. Материјали од некогашните дневници на Радио Штип оставени на времето, незгрижени, а може да претставуваат вистинска атракција за граѓаните.
-Тоа е фонотеката, во основа плочи, винилни плочи кои сега се во светот повторно на цена меѓутоа кај нас многу малку се употребуваат има цедиња, касети, тоа што беше останато во трезорите на Радио Штип во зградата. Мене ми е жал од тој процес на прибирање на материјали, останаа материјали од типот на дневниците кои се водеа, пишани материјали кои се еден вид на историја. Тогаш реагиравме до Архивот да ги преземат или библиотеката, ама не знам што се случи со нив понатаму, рече Панајотов