Со изведба на претставата „Енергични луѓе“ работена на текст на авторот Василиј Шукшин, а во режија на Александар Ивановски, Народниот театар од Охрид в сабота ја започнува новата сезона.
Станува збор за претстава чие дејство иако се случува во времето на социјализмот во 70-те години на минатиот век носи исклучително актуелна порака. Дејствието на претставата има мошне смешен расплет, што освен што ќе ја насмее публиката, носи мошне силна порака за одредени општествени моменти што се на некој начин важни.
Улогите во „Енергични луѓе“ ги толкуваат Горан Стојаноски, Никола Тодороски, Елизабета Стефаноска, Стрезо Стаматовски, Павел Маслов и Марија Стефаноска. Сценографијата и графичкиот дизајн е потпис на Филип Коруновски, а костимите на Невенка Тасева Петровиќ.
Картите по цена од 200 денари може да се купат на билетарата на Националниот центар за култура „Григор Прличев“, но и да се резервираат по телефон во претпродажба.