Библиотеката „Кочо Рацин“ од Тетово 2022 година ја заврши со набавка на 710 нови наслови или 1529 нови книги. Од вкупниот број книги 1302 се купени а 227 подарени од читатели или добиени од Министерство за култура. Сега оваа установа како вкупен број на наслови кои можат да се зајмуваат има 33.359 наслови.
-Вкупниот број на книги (монографски публикации) кои се евидентирани во нашите инвентарни книги е 141.303. Сепак, дел од овие се сместени во магацински простор во пакети, дел се отпишани, така да бројот на книги кои се евидентирани во програмот и можат да се зајмуваат изнесува 33539 наслови, односно 84857 примероци, информираше Елизабета Трпчевска Петрушевска, библиотекарка во установата.
Најголемиот дел од новите книги ги набавиле со финансиска поддршка од Министерството за култура.
- Се надеваме дека во голем дел успеавме да ги задоволиме интересите на читателите за нови наслови и да набавиме книги од различни жанрови и на различни јазици. Министерството за култура и оваа година финансиски ќе го поддржи збогатувањето на книжниот фонд со нови книги. Најчитана книга на македонски јазик, превод од странски автор е книгата „Италијанската девојка“ од Лусинда Рајли, а најчитана книга на македонски јазик од македонски автор е „Страст, предавства и оние два збора“ од Маја Божиновска, инфомираше Елизабета Трпчевска Петрушевска.
Од библиотеката велат дека ги очекуваат читателите со предлози за нови наслови кои би сакале да ги има во фондот.
-Со цел да ги задоволиме интересите и вкусовите за нови наслови ги покануваме сите кои се заинтересирани своите предлози за нови наслови да ги испратат на нашата е-адреса: zajmuvanjekrte@yahoo.com, а ние ќе се обидеме истите да ги набавиме. Како и до сега новите наслови НУ библиотека „Кочо Рацин“ – Тетово ќе ги објави на својата ФБ страна. Со оглед на тоа дека Библиотеката работи во сегментот на автоматизирано зајмување, податоците за достапност на новите наслови се видливи во нашиот онлајн каталог, порачаа од библиотеката.
Во изминатата 2022 година реализирани се повеќе проекти од кои голем дел се финансиски поддржани од Министерството за култура.
-Одбележани се 23-ти Април Светскиот ден на книгата, Дигитализација на библиотенчен материјал од одделот Роднокрајно, Обука на библиотекари, Клуб на читатели-пензионери, Проект „Запознај ја библиотеката“, Проект „Сакам тато да ми чита“, Проект „Читаме за нашата душа“ и прогласување на читатели-рекордери за 2022. Библиотеката исто така реализираше и други проекти со сопствено финасирање како „Запознај ја библиотеката“ -посета и запознавање на децата во градинките во Тетово со Библиотеката и нејзината активност , „Другаруваме со книгата“ заедно со активисти од Црвен крст, мини саем на книги пред просториите на библиотеката, соработка со библиотекарите од основните и средни училишта во Тетово и околината и др, соопштија од установата.
Исто така за тековната 2023 година Националната установа Библиотека „Кочо Рацин“-Тетово има одобрено повеќе проекти кои ќе бидат финансиски поддржани од Министерство за култура. Дел од средствата се за веќе познатите проекти, а нови се „Запознај ја библиотеката“, „Тркалезан маса со роднокрајни писателите од Тетово и Тетовско“, „Различни извори на учењето“, „Криза на читањето-како да се ослободиме од оваа појава (средби и дискусии со ученици од средни училишта) и проектот „Кажи ми како се прават работите без телефон“.
Бројот на активни читатели во период до 31 декември 2022 изнесува 5235.