Со промоцијата на новиот научно-фантастичен роман на Хари Кацановски, „Анатрос“, вчеравер во „Литература.мк“ беше заокружена програмата на „Денови на литературата“. Книгата е дел од едицијата „Во еден здив“, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Како што изјави Кацановски, идејата за новелата „Анатрос“ се родила пред повеќе години. Приказната почнала во форма на кратки раскази што ги пишувал сам за себе.

– Сакав да создадам свет во кој „обработувам“ разни теми што ме засегаат, но прикажани во уметничка форма, пред сѐ, бидејќи уметноста може да продре во нив на начинот што го преферирав. Вториот важен аспект ми беше естетското доживување на светот што го измислив, а сакав да го пренесам, ако тоа воопшто е возможно, бидејќи секој може да го гледа четивото низ сопствените естетски леќи. Насловот „Анатрос“ ми беше интересен, не поради етимолошкото значење или, пак, симболиката на зборот, туку поради звучната естетика. Секако, тој има значење во контекстот на приказната што се занимава со главниот протагонист Јан. Тој е „сив“ лик, зашто не сакав да натежнувам кон црно-белото морално стилизирање на неговите карактерни особини. Неговите конфликти поврзани со слободната волја, потребата за среќа и мир, како и можноста или неможноста да го контролира надворешниот свет и себеси; се појави што се универзални за човекот без разлика на културата во која живее, а сепак се манифестираат различно во секој културолошки наратив. Другите ликови, наспроти Јан, се стилизирани, а тоа создава контраст што ја покажува неговата одвоеност од надворешниот свет, додаде Кацановски.

Промоторка на книгата беше уредничката Оливера Ќорвезироска.

– Големата жанровска рамка на „Анатрос“ е научната фантастика, иако во овој кус роман се преплетуваат повеќе различни пристапи и понирања и во други раскажувачки формати. Психологијата на ликовите, траумите од растењето, релациите со другите. Во книжевното писмо на Кацановски се поставени како наджанровска база, како суштина на постоењето сега, порано или подоцна. Компјутерските игри во иднината можеби ќе имаат влез за стварноста во нив, но она што нема да се промени е човековиот стремеж за излез од болката, страдањето и осаменоста, рече Ќорвезироска.

Ова е прв роман на Кацановски. Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/02/2023 15:14