Во КСП „Центар Јадро“ вечерва од 20 часот ќе биде отворена групната изложба „Каде реката текла, пак ќе тече“, која „Јадро“ ја реализира во соработка со Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-Свест“.
- На отворениот повик за фото и видео есеи во рамки на регионалната кампања за заштита на реките „Save the blue heart of Europe“ беа селектирани проектите на авторите Ивана Самандова, Филип Лафазановски и Влатко Деков, информираат од КСП „Центар Јадро“.
Од културниот центар посочуваат дека фокусот на „Каде реката текла, пак ќе тече“ е изградбата на малите хидроцентрали на територијата на државата кој оставаат непоправливи последици по животната средина и природата, до степен кој, како што велат, го загрозува опстанокот на водните екосистеми и на заштитените и ендемски животински и растителни видови.
- Уметниците и претставниците на „Еко Свест“ имаа повеќе теренски посети на локации во заштитени подрачја каде има изградени мали хидроцентрали. Тие преку фотографија и видео се осврнуваат на штетите врз природата кои ги предизвикува нивната изградба, истакнуваат од „Јадро“.