Најновиот роман на академик Влада Урошевиќ насловен „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ синоќа беше промовиран во киното „Фросина“.

На поемотивниот настан беа претставени и неговите евергрин дела „Вкусот на праските“, „Мојата роднина Емилија“ и „Невестата на змејот“, кои се реобјавени во ново руво и со нови поговори. Книгите се дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Промотори на книгите беа авторите на поговорите Јелена Лужина, Лидија Капушевска-Дракулевска и Владимир Мартиновски, а се обрати и претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев. Настанот го модерираше уредникот на четирите книги, Ведран Диздаревиќ. „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“, со поднаслов „Старовремски роман“, е седмиот роман на Урошевиќ.

- Секогаш кога ќе напишам нов роман долго размислувам каков наслов да му ставам. Знаете, насловот се пишува на крајот. Откако го составив овој долг наслов, во една миговна инспирација допишав поднаслов - Старовремски роман. Овој поднаслов може да се сфати на повеќе начини. Можете да го сфатите како иронија или како предизвик фрлен кон критиката, но и кон читателската публика. Сите сакаат да напишат современ роман, модерен, а еве некој сака да напише старовремски роман. Се надевам дека со тоа не сум ја нарушил суштината на романот и уште повеќе - се надевам дека не сум одбил читатели да го земат в рака. Старовремски роман звучи чудно денес, но мислам дека мене ми одговараше. Насловот можете да го сфатите и со извесна доза на хумор, кажано. Овој роман е напишан како еден израз на носталгија кон некогашните книги што сум ги читал. Израз на некоја потреба од враќање во времињата на детството, на првите лектири. Едноставно, сакав да напишам роман како што се пишувало некогаш, изјави Урошевиќ.

Кон „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ и „Вкусот на праските“ се осврна Јелена Лужина.

- Седмиот роман на Влада Урошевиќ е еден од доказите дека книжевното уметничко дело мора најпрвин да е УМЕТНОСТ – висока уметност – која само попатно („технички“) може/мора да се „повикува“ на она кое во драматургијата колоквијално се нарекува „содржина на хартија“. Смислата и, во крајната линија, „вистината“ на Шекспировиот „Хамлет“ нема да ја најдеме во таа „содржина“, триж помалку „на хартија“, туку – како што велеа руските формалисти – во „начинот како драмата на Хамлет е направена“. А направена е за да „лебдее“ и да не „допира“, таинствено и сосема необјасниво... Затоа што не е „вистинита“, туку е (само) „веројатна“... Како и куќата покрај Вардар, четирите прстени и сета фина дискурзивна пајажина што „лебдее“ низ седмиот роман на Влада Урошевиќ, рече Лужина.

Од издавачката куќа посочуваат дека приказната во романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ почнува летото 1898 година. Во преодните денови помеѓу веќе исцрпениот XIX век и тукушто родениот XX век – Никола се враќа од своите студии на Ecole supérieur de pharmacie во Париз. Со себе го носи научното знаење од Западот и етосот на модерниот, просветлен човек, желен да ги примени во своето родно Скопје. Дома – во големата куќа на крајот на градот, покрај течението на реката Вардар – го чекаат татко му Харалампие, трговецот на ангро, мајка му Евдокија и трите помлади братучетки. На прв поглед, животот на ова семејство изгледа нормален, пристоен, па дури и здодевен. Но, работите не се такви како што изгледаат. Нешто страшно и неискажливо ја фрла својата сенка врз семејството Пустополски. Старата куќа крие свои тајни што се протегаат сè до Ориентот и кои се однесуваат на богатството на дедото на Никола.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/02/2023 14:44