Со вечерашниот концерт во Домот на младината во Белград се обновува традицијата на проектот „БГ инвазија“, што првпат е одржан во 1992 година, а произлегува од натпреварот на бендовите од белградските гимназии. „БГ инвазија“ досега се одржал десетина пати, а на овогодишното издание, како специјални гости настапуваат и ученици од СУГС „Никола Карев“, членови на бендот „Црно собрание“.

„БГ инвазија“ се стреми да ги претстави средношколските бендови што постојат во белградските гимназии, а со вклучувањето на бендот „Црно собрание“ од Скопје, преминува во регионална смотра.

Организаторите на настанот велат дека за секој млад човек е важно бавењето со музика, затоа што така се развиваат способности, неопходни во понатамошниот животен пат. Се развива креативноста, тимската работа, социјализацијата и превенцијата на врсничкото и сите останати видови насилство, како и работна дисциплина, критичко мислење, самодоверба, толеранција.

Носител на оваа активност е Здружението на наставници по музичка култура на Србија, во соработка со СУГС „Никола Карев“ од Скопје, а под менторство на професорката по музичка култура Емилија Ристановска.

Бендот „Црно собрание“ го сочинуваат Мона Ристова - вокал, Доротеја Солунчева - вокал, Кирил Лазаревски - гитара, Мартин Атанасов - бас гитара, Павел Петковски - гитара и Дарија Манева - тапани.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/02/2023 15:29