Во Младинскиот центар „Матично“ од денеска до 3 март е отворена изложбата „Зграда на општинската администрација“ на која се претставени трудови на студенти од Архитектонскиот факултет на Скопскиот универзитет, во рамки на предметот Архитектонско студио 5.2.

- Студентите за оваа вежба црпеа инспирација од актуелната локација на Општина Центар во Дебар Маало, а изложени ќе бидат избрани проекти од предметот Архитектонско студио 5.2, односно најдобрите 10 студентски проекти илустрирани преку постери и макети. Тие се работени во текот на петтиот семестар кој претставува вовед во проектирањето на комплексните типологии од областа на јавните згради, со фокус на административниот, односно канцеларискиот простор, соопшти Општина Центар.

Преку темата за општинска администрација, наведува Општината, студентите имаа можност да размислуваат за начините на кои архитектурата учествува во создавањето пристапни и транспарентни институции и придонесува кон поголема ефикасност на администрацијата, реорганизирајќи ја во современи модалитети на работење.

- Студентите беа исправени и пред предизвикот да ги одмерат нивните концепти во однос на препознаените амбиентални траги на некогашното Дебар Маало, создавајќи нов амбиент во кој опстојуваат старите локации, како портата на некогашната Учителска школа и парковскиот пејзаж, посочува Центар во соопштение.

Во подготовката на проектната програма помогнаа вработените од секторот за урбанизам. Проектите ги менторираа проф. д-р Анета Христова-Поповска, проф. д-р Михајло Зиноски, вонр. проф. д-р Мери Батакоја и асист. д-р Благоја Бајковски.

- Соработката помеѓу Општина Центар и Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ уште во 2019-та година се официјализираше со потпишувањето Меморандум преку кој студентите од факулетот, заедно со општинските стручни служби, реализираат практично-теоретска настава и вежби, информира Општина Центар.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/03/2023 02:32